Кавгите, чистките и рекомпонирањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – од пред некоја вечер, 100 отсто демократски реформирана и декриминализирана! – донесоа и слична „раздвиженост“ во светот на медумската пропагандна машинерија на некогаш моќната медиумска операција на оваа партија. Таа машинерија – памтите: Сител, Канал 5, Дневник, Вечер, Курир…? – со години беше „ударната тупаница“ на власта на Груевски употребувана за масовно „перење мозоци“ на македонското граѓанство. Се занимаваа и со систематска компромитација на политичките опоненти од светот на политиката, како и на сите оние непартиски и независни поединци и групи кои имаа храброст да им се спротивстават, кога власта под себе ги имаше (и без ограничувања ги употребуваше) сите органи за прогон и репресија под своја директна контрола.
„Десната рака“ на Груевски, убер-пропагандистот Мартин Протуѓер, беше задолжен за координација, инспирација и контрола на работењето на тој злокобен агитпроп, обилно финансиран со пари од државата.
Денеска тие „јагнешки бригади“, таа „сцена“ е прилично разнишана, обесхрабрена и без пропагандното влијание што некогаш го имаше. Сепак, можеби е интересно да се направи една кратка, „џебна“ анализа – макар и упростена, заради потребите од генерализација на „темата“ – на тоа кој и како сега „пазарно“ се снаоѓа во светот на актуелната вмровска пропаганда… Што велат моите извори во и околу ВМРО-ДПМНЕ?
Најнапред, односите со јавноста и понатаму се „десна рака“ на претседателот на партијата, Мицкоски, а нив главно ги водат партиските кадри Александар Николовски, Иво Котевски, Наум Стоилковски, но и со барем повремена „асистенција“ на Мартин Протуѓер. Има во тоа и по некој странски консултант, но тоа сега и овде не е најважно.
Под нивна контрола – веројатно во содејство со Владо Мисајловски – се командува и со секојдневната „црна“ ФБ-пропагандна операција, со неколку десетици партиски младинци распослани со профили-лажњаци, ботови, твитер-провокатори и сл.
Не се знае што разговарал Мицкоски пред десетина дена со Орбан во Будимпешта, но со оглед на поддршката што сегашниот лидер на опозицијата ја добива од „унгарските“ медиуми во Македонија – да не заборавиме, пред повеќе месеци, со наводен унгарски капитал, овде беа купени ТВ Алфа, како и порталите курир.мк, република.мк, лидер.мк… – се чини дека зад нивната сопственост сепак стои „партиски ентитет“ (ВМРО-ДПМНЕ?), а не евентуалниот „емигриран“ надвор, испран, па „имигриран“ назад во Македонија „приватизиран“ капитал на лице/лица од врвот на бившата власт. Со други зборови, можеби Мицкоски кај Орбан се појавил со „имотниот лист“ на тие медиуми, за да се воспостави функционално „владение“ врз тој ресурс?
Потоа, го имате „интелектуалното крило“ на таа медиумска поддршка (Горан Момировски, Димитар Чулев, Роберт Димитриевски, Драган Чешмаџиски…) сконцентрирани во експрес.мк. Истовремено, тоа е и пропагандната „цитадела“, мостот што го поврзува Мицкоски со кабинетот на антизападниот стратег во земјава, Ѓорге Иванов, пред сè со омнипотентниот (и омнисомнителниот) советник на Иванов, Синиша Алексоски, кој управува со своја пропагандна платформа (благодарејќи на ресурсите на Агенцијата за разузнавање и тн.).
На нив се надоврзува една мошне интересна колекција од овдешни и од луѓе од дијаспората (како Филип Јолевски, Цветин Чилиманов и тн.), инспирирани од Златко Ковач, сегашниот уредник на рускиот Спутник во Вашингтон (!), инаку некогаш „пропаганден специјалец“ на американскиот Пентагон (тоа е приказна за другпат, не помалку интересна, бидејќи човекот, меѓу другото, е од Велес…).
На нив се „врзани“ и еден-двајца „стивнати“ македонски амбасадори, луѓе од доверба на Иванов, кои под псевдоними работат за антизападната пропаганда во Македонија (додека се на платен список на македонската дипломатија).
Се разбира, не може да се избегне ни „кого-удрам-не-жалам“ екипата на комплетно одлепените Мирка, Миленко, Палчо и слични тотални лузери и разно-разни полициски „олуци“ распоредени по блогови и опскурни порталчиња како инфомакс.мк или нетпрес.мк…
Како релативно независни, но цврсто вмровско определени портали се и некои на локални вмровски величини, како маркукуле.мк на прилепскиот пратеник Димитар Стевананџија.
Од оваа колекција, за сега, како да е излезен прес24.мк (на сителовите уредници Цаци и Сарма), кои се еден од ретките сигурни медиумски „прозорци“ за Сашо Мијалков во моментов. Ќе видиме до кога на Мијалков ќе му се исплати таа долгогодишна „инвестиција“…
Конечно, МРТВ е посебна приказна, но неа сите ја знаат.
Како што се гледа, со оваа медиумска „екскурзија“ – можеби некого пропуштив? – си ја зедов бељата на глава, бидејќи сега половина од спомнатите веројатно ќе ме растргнат по своите медиуми, пара-медиуми и со „специјалците“ на социјалните мрежи.
Ама, па, со оглед на милионите народни евра со кои со години ги „раневме“, како олеснителна околност, молам оваа колумна да биде сфатена како службен допис до нив од македонската јавност и сите полнолетни граѓани на Македонија, како нивни правосилни мнозински акционери. Значи, уживајте во слободата на пишаниот и изговорен збор во Македонија, само немојте да заборавите кој за каква слобода се залагаше додека ВМРО-ДПМНЕ апсолутистички владееше со државата.
Извор: Цивил медиа