Велат, кога ќе ја упрскаш, немој да се обидуваш со оправдувања, ќе заглибиш уште повеќе. Премудриот Реисул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, во својот верски занес и восхит кон саудискиот престол, го заборави тоа правило. А зошто и би го помнел, кога е директно поврзан со небото и Алах, него не го засегнуваат земните поуки за комуникација меѓу луѓето и со јавноста. Тој комуницира на божествени нивоа со кралеви и принцови, нема што да му ја мисли за оправдувања. На крајот на краиштата, што е еден новинар, брутално убиен, исечен на парчиња како добиток во маалска месарница, во споредба со едно височество од Саудиска Арабија?
„Ваше височество, служителу на двете свети џамии, примете ги најдобрите и најскапите честитики од мое име како претседател на Исламската заедница во Репубика Македонија, честитки на муслиманите на нашата земја за придонесот на кралството на Саудиска Арабија предводена од вашето височество, крал Салман Бин Абдулазиз Ал Сауд и престолонаследникот принцот Мухамед бин Салман, Алах да ги заштити, за исламот и муслиманите во сите земји во светот, особено на континуирана поддршка на нашата земја и нашиот народ, голема благодарност до вас“ – пренесоа медиумите едно писмо на Ефендијата до кралот на Саудиска Арабија во деновите кога целиот свет го осуди свирепото убиство на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.
Нека остане забележано!
Нека остане забележано дека Исламската верска заедница поддржа лидер на еден режим кој изврши убиство врз новинар на својата земја, затоа што бил критички настроен. Нека остане забележано дека германската канцеларка Ангела Меркел не штедеше зборови на осуда, го квалификува убиството како монструозно и ја сопре продажбата на оружје за Саудиска Арабија.
Знам дека може да звучи тенденциозно, но… По истата логика, би требало Ефендијата да ја поздрави и сомнителната погибија на македонскиот новинарски бард Никола Младенов во 2013 година и полициско-судско-затворската голгота на Томислав Кежаровски. И да му ја искаже својата поддршка на осуденикот д-р Никола Ж. Груевски, која во овие мигови му е повеќе од потребна. И тоа во името на сите муслимани во Македонија!
Снисходливата поддршка од Ефендијата, со злоупотреба на печатот од ИВЗ и со втурнување на сите муслимани од Македонија во неговата кон саудиската кралска фамилија, доаѓа токму во време кога целиот свет е згрозен од бруталноста на режимот. Синот на новинарот Кашоги побара спас во САД, самиот саудиски крал бара покренување широка акција (под притисок на Западот), а главниот обвинител признава дека убиството било планирано и осомничува 18 луѓе, меѓу кои високи функционери во тајната полиција и еден советник на принцот-престолонаследник Мухамед бин Салман. Тешко дека истрагата ќе доведе до највисоките позиции на ова пребогато кралство, но не е исклучено независни истражувања да водат до самиот престол.
Но, нека остане забележано дека снисходливиот Ефендија од Македонија го брани Кралот од Саудија.
Китнестиот хвалоспев за саудискиот режим
Нашиов Ефендија од Македонија, решава да го земе перцето и да извезе еден китнест, разгален хвалоспев за режим што убива. Па, нека е и само тајната полиција што скришно од кралот го извршила убиството на новинар што критикува една апсолутистичка монархија. Сѐ уште останува фрапантна оваа постапка, колку и да му се чини наивна некому.
Притоа, да не заборавиме дека Ефендијата пишува писмо со поддршка во име на сите муслимани. Па, да, може да го направи тоа, бидејќи е демократски избран од сите муслимани во Македонија. Или можеби и не? Знаеме дека ИВЗ е една прилично тајновита организација во која на челните позиции често се доаѓало по пат на вооружени упади во седиштето кај Бит Пазар. Впрочем, како и во ВМРО-ДПМНЕ (случај Панорама, демисија на Љубчо Георгиевски). Устројствата во Македонија се такви, па затоа и може да се „истакне“ Ефендијата во одбрана на Кралот од Саудија.
Инфантилна одбрана
Ефендијата се брани со скен од писмо на ИВЗ со правоаголен печат на кој (пре)многу уредно е запишан датум што е само малку пред официјалното признавање на бруталното убиство.
Наводно, писмото со поддршка е упатено пред официјален Ријад да го признае убиството, прво како „голема грешка“, а потоа и да поведе (барем навидум) многу сериозна истрага. Патем, во целиот грозоморен настан остана нејасно дали е „голема грешка“, всушност, несмасноста со која е извршено убиството, освен што било и ѕверско. Нејсе, Ефендијата испушти да каже дали поддршката ја дал во рамките на редовните обраќања до саудискиот крал, секоја година во октомври, на пример. Одбраната му е, благо кажано, инфантилна.
Или тоа е порака со која тој отворено, наспроти целиот демократски свет, застанува рамо до рамо со режимот што убива новинари?
Да не е грозен поводот, громко ќе се смеев на „вадењето“ на Ефендијава. Притоа, не слушнавме дека Ефендијата напишал и писмо со поддршка до саудискиот крал за пресметка со носителите на заговорот за убиство на новинарот Кашоги. Можеби би било умесно сега Ефендијата да напише уште едно снисходливо писмо во кое ќе го замоли Кралот, спонзор на ширењето на исламот во светот, да поведе решителна истрага и за сите други неразјаснети убиства во кралството и по светот.
Се сеќавате? Кркавме инспекции, закани и незамисливо валкани кампањи за пари што сме ги добивале од Запад. Можеби е погоден момент да се замислиме, но и да истражиме колку и какви пари (и за што) се слеваат во Македонија од исток, било да се од Москва, Пекинг или Ријад. Што мислите за оваа идеја? Или, прво треба да се помируваме?