Моника, Силвана, Весна, Мими, Славица… Ова се навидум секојдневни женски имиња, но во нашата приказна се однесуваат на кози, што, секако, е невообичаено, нестандардно и отстапува од клишето, пишува Мирјана Чакарова за МИА.
Во стадото на Маја и Сашо Симјановски има и понекој прч – Црвенче, Стаменко, Барон, Вол…
Мајка се вика козата што го носи клопотарецот зашто покажала исклучителна чувствителност кога докрај исчувала болно јаре пред умирање и не го оставила само во ниту еден момент, Сократ е најинтелигентен, со специфичен, филозофски израз на лицето, Ливче јаде само ливчиња, а Пелагонка најмногу сака да се истакнува.
Има и една Маја, како што се вика сопругата на Сашо.
Симјановски се од Скопје, но одлучиле асфалтот да го заменат со планински воздух, со недопрената природа на селото Вир во Поречието.
Сашо отсекогаш сакал да се врати во Вир, од каде што потекнува неговото семејство, но не знаел со што точно ќе се занимава. Првичната определба му била производство на органска храна поради што во 2002 година зел 23 хектари под концесија од општина Македонски Брод. Откако постапката се искомплицирала околу предавањето на површините во владение и се завлекла три години, ја вратил концесијата и се баталил. Потоа, во 2008 година во Преспа со Маја подигнале околу 1,5 хектар лешников насад од кој дури сега, по десет години, го собираат првиот род. Се измачиле многу, вложувале, полевале со кофи, рачно копале, коселе…
Во меѓувреме, Сашо не престанал да размислува што може да направи тука, во Вир, каде што има куќа од дедо му. Денес во неа живее, а дел адаптирал за производство на традиционално козјо сирење.
Потенцијалот на Вир е огромен, а биодиверзитетот ненарушен. Сточарството тука било секогаш развиено, особено чувањето ситен добиток. Тоа, на некој начин, ја наметнало и одлуката.
– Работата беше како и што да се избере, овци или кози. Воодушевен бев кога прочитав колкава млечност имаат козите. Тоа некако беше пресудно. Литературата ми даде импресивна слика, дека млечноста е 500 литри годишно по коза минимум. Баш се прашував зошто луѓето не чуваат кози. По финансиската мини-конструкција што ја направив врз основа на овие бројки, козарството се покажа рентабилно. Одејќи по наведената литража и тогашните цени за предавање млеко во млекарница, беше сосема во ред. Така кон крајот на 2013, почетокот на 2014 година, си најдов стадо што се продаваше на раскрсницата кај Лакавица, кај местото 20-ти километар – раскажува Сашо.
Купил 122 кози, кучиња, ждребе, кобила и неколку овци. За оваа намена зел наменски кредит на седум години од Земјоделскиот дисконтен фонд.
– Најголемиот стрес го доживеав кога ги купив козите и кога влегов во шталата од каде што требаше да ги земам. Дотеран, облечен градски, тие ме гледаат, јас ги гледам. Седнувам меѓу нив и си зборам (им викам): „И сега, што правиме?“ Ниту знам што е прч, ништо не разбирам, се смее Симјановски додека се присетува.
Од купувањето до транспортирањето на козите во Вир поминале пет месеци. Имало некои процедури околу анализите за бруцелоза и здравјето на грлата, но откако биле надминати, дошол моментот кога стадото требало да се пренесе. И тогаш Симјановски имале невообичаена случка.
– За да го донесеме стадото, ангажиравме специјални возила, со кафези. Додека ги товаревме козите беше хорор зашто требаше една по една, а возилото на два ката. Ај, ги качивме некако. Но, по Модриште, возачот на камионот застана и вика: „Не возам повеќе, вадете си ја стоката“. Надвор се смрачува, 18:30 часот. До дома има уште пет километри. Козите не беа ни јадени ни молзени бидејќи така налага транспортот. Можете да замислите. Нејадени, немолзени, уплашени, треба да ги симнуваме од кафези на место каде што првпат доаѓаат, не познаваат ништо. Се стемни. Се растрчаа. Почнавме да се бркаме. Среќа дојдоа луѓе од селото да ги бараме. Не се гледа ништо, ноќе, темница. Посебен проблем беа јарињата, дека мали. Речиси 40 имавме. Тие беа во комбе зад камионот. Едвај некако се прибравме во Вир, накај 22 часот, дури и ги молзевме козите до два по полноќ. Утредента се враќавме зашто некои грла фалеа. Лесно ги најдовме зашто кога се уплашени, седат на едно место, истакнува Сашо.
Козите се личности – интелигентни и чувствителни
Стадото денес има над 200 кози од расите „алпинка“, „анска“, „балканка“… Ги чуваат Сашо и неговиот другар Горан Симовски од Битола, кој имал поим за чување кози колку и Сашо на почетокот.
– Другари сме со Горан 30 години. Мене ми е хоби шахот и тој игра шах. Летото во 2015 година на турнир во Струга направивме муабет сосема случајно. „Што правиш, како правиш, да дојдам? Дојди“. Така Горан дојде и од 2015-та досега уште е тука. Преку цела година е кај нас, а жена му и двете деца се во Битола, вели Симјановски.
Сашо и Горан стануваат секое утро околу пет часот. Веднаш ги молзат козите. Потоа, еден ги потерува на паша, а другиот доаѓа дома да ја сработи претходната тура сирење, од вечерта, но да ја подготви и новата, од пресно донесеното млеко. Тоа трае приближно три часа, до пладне, вклучувајќи миење на потребните садови, крпи, гази… Тој што останува дома има обврска да направи и ручек. Напладне се прибираат козите, следува ручек и одмор до 15 часот. Потоа повторно на паша. Козите се враќаат накај 19.30 часот или кога се стемнува. Повторно се молзат до 21:30-21:45 часот. Кога почнува молзењето, козите сами доаѓаат, сами се редат. Си знаат.
До летото козите се носат цел ден на пасење, од осум до 18 часот, додека има сонце. Лете пасењето е двократно – од утро до ручек и после ручек до вечер. Наесен повторно еднократно. Зиме мируваат зашто условите се неподносливи за пасење. Во август и септември се прчат, од тогаш веќе и млекото се намалува, а потоа и секнува. Крајот на октомври веќе нема млеко. Ноември, декември, јануари и февруари нема млеко.
Постарите раси многу подобро ја искористуваат пашата, поефикасни се. За единица време јадат повеќе, не избираат. „Шишаат“ се по ред иако, според една постара книга „Патот на козата“, козата точно знае што јаде и што од некое растение јаде: врвот, листовите, коренот… Ако треба и 300 метри ќе оди за некое цвеќе и нема да лапне ништо по пат.
Според Сашо, козите не се „скупина ходајучих тревојада“, како што велат Хрватите, туку личности. Секоја од нив има карактер. Многу се интелигентни, емотивни, се врзуваат за човекот дури повеќе од кучињата.
– Некогаш имам впечаток дека ги разбираат и говорните команди. Му го препознаваат гласот на човекот што оди со нив, што ги носи на пасење, слушаат кога ќе има даде каква било наредба или кога ќе им забрани нешто. Повеќето имаат имиња и кога нечие ќе се спомне, таа коза веднаш ја дига главата. Ние, всушност, така им се обраќаме, по име. Дожд не поднесуваат воопшто, никако. Ако врне, сами кажуваат кога е времето за дома. Знаат да дојдат во штала две минути пред невреме. Интересно е што кашлаат и киваат како луѓе. Нежни се физички. Сакаат топло. Кога се мали, многу често умираат ако не е доволно топло, посочува Симјановски.
Органското призводство приоритет
Тој веќе пет години прави козјо сирење, но ориентиран е кон органско. Почнал со помош на некоја жена од Градско, која имала искуство. Во меѓувреме правел модификации, експериментирал.
Производството засега варира, од 2,5 до три тони годишно, а продажбата е главно по пријатели, во Скопје, Неготино и други региони.
Од ова лето и сопругата Маја целосно се вклучи на фармата за да помогне во зголемување на производството. Сака да застанат на нозе постабилно и да го пласираат сирењето како што треба од сите аспекти, а за тоа е потребна, вели, максимална ангажираност.
– Секогаш сакавме да се разликуваме и се обидуваме да направиме нешто автентично, што произлегува од амбиентот. Не да биде којзнае каква технологија, туку баш традиционално сирење направено од нас. Условите го налагаат токму тоа. Објектите се од камен, климата е планинска, ладно е, а тоа и порано било практика, вели Маја, која е инженер по керамика и не знае речиси ништо за кози, но учи тековно.
Поради пашата, која е различна во текот на годината, сирењето никогаш не е исто. Напролет е едно, лете друго, наесен трето. Купувачите тоа го знаат и го прифаќаат, не им пречи.
– Производот мора да се стандардизира и да се запази она што го бараат прописите. Во секој случај, како органски производ и со оваа паша овде, нашето сирење не би требало да се спои во сивилото на секојдневната понуда. Мора да има друг третман независно дали ќе биде со премиум-квалитет. Од друга страна, квалитетот ни е пред се зашто е јасно дека количина не можеме да извадиме. Исто така треба да се нагласи неможноста да го продаваме надвор од Македонија, иако постои интерес за купување. Дојдоа од Србија, Бугарија, цело сирење сакаат да го земат, но како да го извезам кога немам можност зашто е таква регултивата, укажува Сашо.
Предочува и дека млечноста на козите е голем проблем, а и во Македонија, додава, се уште нема репроцентар што би поттикнал продукција на високомлечни кози. Тоа на почеток му бил и најголемиот шок. Според литературата, дневно очекувал по пет литри од грло, а добил 500 грама.
– Државата сега поддржува набавка на високомлечни раси од странство, кофинансира 50 отсто, но многу е битно да се знае што се купува зашто често таквите грла се одгледувани шталски, а тука чувањето е слободно, на отворено, што е многу различно – дополнува Сашо.
И покрај се, Симјановски не се откажуваат. Убедени се дека во Вир имаат перспектива. Планот за в година им е сурутката што достигнува 150-180 литри дневно да се пренасочи во храна за прасиња од кои, пак, би се произведувале традиционални домашни чадени колбаси. Со тоа би се заокружил производниот процес и не би имало загуби.
Едноставноста и скромноста на Сашо и на Маја воодушевува. Спонтани, пријатни за муабет, ненаметливи, без никакви стеги ја раскажаа семејната приказна. Како да се предиспонирани за ваков начин на живот.
– Финансиски можеме да егзистираме, но не е во прашање само тоа, туку и социолошкиот аспект. Голем е јазот меѓу животот на фарма и градскиот, на новите генерации. Не верувам дека младите ќе се пронајдат себеси тука, независно колку и да е голем приходот од оваа работа. Сме ги научиле на сосема друг комфор – додава Сашо.
По разговорот, ручекот на нивната софра и прошетката низ селото, не однесоа кај козите, во планина. Таму беше Горан, а не пречкаа шарпланинците Мечок и Буба што го чуваат стадото.
Во Поречје, според слободна процена, гравитираат 50-тина села со над 1.200-1.300 кози. До Вир патот не е асфалтиран, што им ја усложнува работата на мештаните, особено кога се работи за дотур на храна за стоката. Најпрвото школо е во Македонски Брод, на 25 километри, а и поголема продавница поблиску нема.