Кога партијата и фамилијата се пред државата и иднината

Зошто ВМРО-ДПМНЕ (речиси) секогаш во историските моменти за Македонија е на погрешната страна

3489

Граѓаните на Македонија и меѓународната јавност се во исчекување на резултатот од референдумот за уставно прецизирање на името со географска додавка кон Македонија, како дел од спогодбата со Грција, чие исполнување, пак, е услов за влез во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ веќе напролет.

И додека кај мнозинството граѓани на Македонија сé повеќе се профилира ставот да се гласа „ЗА“, партијата ВМРО-ДПМНЕ, на чело со нејзиниот политички и државнички неук лидер Мицкоски со неговиот страв од конкретен став, потоа нивниот извршител во власта и сега најистурен играч за бојкот – кој сé уште се одѕива на функцијата претседател на државата, Иванов, заедно со неколку маргинални партии – сателити и псевдо патриотски здруженија се напрегаат од петни жили со негативна пропаганда и притисоците врз вмровското членство и простодушните и неуките граѓани да изнудат помасовен бојкот на референдумот. Со тоа заговараат земјата, наместо конечно да тргне кон Европа и кон просперитетна иднина, да остане во зачадената Балканска крчма на перонот од кој заминува последниот воз.

Зошто вака се однесува ВМРО-ДПМНЕ кон референдумот кога и во изборната програма во 100 чекори, и во проширената и надградена програма, и во бројните манифести, прогласи и декларации повеќе од десет години референдумското изјаснување на „народот“ го поставуваше како задолжителен услов за било каков договор околу спорот за името со Грција? Зошто се плаши ВМРО-ДПМНЕ од референдум?
Така се однесува и се плаши затоа што како партија за единаесет години не успеа да постигне никаков договор, но, затоа, пак, десетина изборни циклуси по ред добиваше (предвремени парламентарни, локални, претседателски) „патриотски“ сурфајќи на добитната флоскула: името не го даваме! Зошто, иако во дебатите околу референдумот челниците на партијата се декларираат како „нови дечки“, односно како трета и четврта генерација партиски политичари без багаж и опашки, кои форсираат нови политики, сепак, повеќето од нив не се ни нови, ни без опашки.

Покрај багажот и опашките, новото раководство на партијата има проблем и со „папочната врска“ која и натаму го поврзува октроираниот лидер и дел од неговото опкружување со поранешниот лидер и со неговиот систем на владеење – груевизмот. Има ли поголем доказ за сé уште непресечената папочна врска од фактот кој беше неуверливо демантиран, дека на лидерските средби се нудела поддршка на референдумот во замена за амнестија на криминализираното поранешно фамилијарно лидерство на партијата кое од многуте обвиненија повеќе е во судските сали отколку дома.

Всушност, ВМРО-ДПМНЕ не се плаши од референдумот, туку работи и сака тој да се одржи (ако не беше така преку своите инсталации во Уставен суд ќе го стопираше референдумскиот процес) – ама да не биде успешен, односно да нема цензус и мнозинството да бојкотира и да биде против! Идејата е на тој начин да се исфорсира паѓање на актуелната влада, да се организираат предвремени избори и на бранот на незадоволството на граѓаните и со кампања со лажни вести, во што оваа партија максимално се извешти – да се обиде да се врати на власт. Па како власт да ја спаси „фамилијата“ од кривична одговорност за сторените криминали, меѓутоа и да ја амнестира и партијата од штетните приоритети и политики кои ја доведоа земјата на работ од амбисот, како и од криминалите кои ги правеше како правен субјект со помош на кои стана најбогата во Европа.

За остварување на оваа своја цел ВМРО-ДПМНЕ игра на стратегијата на кратко паметење на „својот народ“ – како што знае лицемерно да ласка. При тоа се однесува како во единаесетте години владеење партијата да „ни лук јала, ни на лук мирисала“, едноставно си ги „мие рацете“ од сé лошо што им стори на државата и граѓаните со „груевизмот“ како авторитарен систем на владеење, со заробената држава и со политичкиот организиран криминал од невидени размери. Сепак, и покрај многуте „измиени“ мозоци кои и натаму веруваат на лажната пропаганда, мнозинството, и покрај летаргијата во која некои делови од него повремено запаѓаат, кога треба се освестува, не заборава и соодветно реагира.

Меѓутоа, во овие моменти кога пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ станува агресивна, лажлива и арогантна, не треба да се заборави на една, низ времето потврдена карактеристика на партијата. Станува збор за лошите и штетни приоритети кои ги практикува, односно пристапот на партијата кон најзначајните прашања за државата, нацијата и граѓаните. Во такви прилики „патриотската“ ВМРО-ДПМНЕ (речиси) секогаш како партија била на погрешната страна, така што крајниот епилог се сведувал на една чудна константа: она што е корисно за државата е штетно за партијата и обратно! На ваквата партиска стратегија, ненамерно и наивно своевремено укажа екс-лидерот Никола Груевски. Имено, коментирајќи го извештајот на ад-хок комисијата на Собранието за настаните на „црниот понеделник“ (24.12.2012), кога тајната полиција насилно од собраниската сала ги исфрли пратениците на опозицијата и новинарите, тој кажа дека под уцена морале да го потпишат извештајот во интерес на Македонија, а на штета на ВМРО-ДПМНЕ! И, бидејќи беше во интерес на државата, а на штета на партијата, иако го потпишаа, заклучоците не ги спроведоа, туку ги прогласија за „палома хартија“!

Со ваков пристап ВМРО-ДПМНЕ во далечната 1991 година, по примерот на нејзиниот тогашен патрон – сестринската партија ХДЗ, предлагаше Македонија да прогласи независност со уставен закон (се знае што се случи потоа во Хрватска), но по многу убедувања на крајот го прифати референдумот. Патем, за да ѝ олесни на владата на ХДЗ која војуваше со ЈНА, заговараше отворање јужен фронт во Македонија! Во 2001, иако учествуваше во обликувањето на Охридскиот рамковен договор и раководеше со Владата на широката коалиција, партијата им остави на своите пратеници за негова имплементација во Уставот, како и сега за референдумот – „да постапат“ по сопствено убедување. За среќа кај дел од пратениците преовлада разумот и амандманите беа донесени. Во 2008, откако Македонија беше оневозможена да стане членка на НАТО на самитот во Букурешт, тогашниот претседател на САД, Буш, сугерираше да се интензивираат разговорите со Грција, за кусо време да се најде решение за името и брзо да се влезе во Алијансата, но Груевски и партијата ја игнорираа таа можност како стратешки приоритет и врвен интерес на Македонија и на граѓаните и се определија за партискиот интерес – организираа предвремени избори за „да добиеле 63 пратенички места, а со тоа и одврзани раце да расчистат со уцените на Албанците и Грците“.

Веднаш потоа почна „антиквизацијата“ со копање подлабоки идентитетски корени во антиката, зашто словенските им биле многу „плитки“, со што ѝ дадоа аргументи на Грција да ги воведе „ерга омнес“ условот за името, иако до тогаш се разговараше само за географска одредница за надворешна употреба, како и идентитетските прашања. Тоа беше сторено со цел ВМРО-ДПМНЕ да победува на избори, да си го продолжува владеењето, да ја зароби државата и криминално да се богати. Конечно, во најцрниот период за Македонија од 24 декември 2012, „црниот понеделник“ – уривањето на демократијата и парламентаризмот, до 27 април 2017 – „крвавиот четврток“, кога и по цена на граѓанска војна, воен пуч и пропаѓање на државата – повторно како приоритет се постави интересот на партијата пред интересот на државата, со цел – насилно зачувување на власта и спас од одговорност на криминализираното државно-партиско раководство. Во овој контекст треба да се посматраат противењата на ВМРО-ДПМНЕ на Законот за јазиците и спогодбите со Бугарија и Грција.

Таа игра ја игра сега и со референдумот, ставајќи ги партиските пред државните и интересите на граѓаните. Кога мнозинството од домашното општество, меѓународната јавност и лидерите на највлијателните држави и на најмоќните светски асоцијации тврдат дека излегувањето на референдумот и гласањето е последна и историска шанса за државата и граѓаните за стабилизација, безбедност и напредок, а огромно мнозинство од граѓаните се за влез во НАТО и ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ јавно е без став, наводно остава луѓето „да постапат според свое уверување“, а во заднина, создава услови и форсира тивок бојкот со цел референдумот да не успее.

Овие неколку денови пред референдумот и неколкуте денови по него се последна шанса ВМРО-ДПМНЕ да застане еднаш на вистинската страна во вакви судбински мигови и настани, да покаже јасна намера дека сака да се реформира и да ѝ помогне на државата во евроатлантските интеграции, реформите и напредокот. Инаку, како и во слични ситуации во минатото, ја очекуваат поделби и внатрешни конфликти, бидејќи партијата е идеолошки дезориентирана, со слаб кадровски потенцијал, без коалициски капацитет и со урнисан меѓународен углед.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...