Кога ќе се навикнеме на тоа да слегнуваме со рамениците поради тешките фелери на системот, предизвикани од човечки фактор и кога своите права и слободи ги жртвуваме во замена за полн стомак и малку попладневен мир по дома, треба да знаеме дека немаме иднина. А нема ни стомакот да ни биде полн, ниту, пак, ќе имаме попладневен мир. Нестабилен систем секогаш е добар терен за богатење на криминалците и за нивно извлекување ако заглават. А системот е разјаден од ароганција и неспособност, дотолчен од корупција и криминал.
Ако криминалците и насилниците се припитомуваат со тендери, не можеме да очекуваме подобар живот ни за себе, а уште помалку за нашите деца. Ако нема правда и ако амнестиите станат рутина и цел самите за себе, отпакувајте ги куферите, не одиме никаде. Кога секој настан и секој процес во земјата во која живееме е проследен со страв, омраза, а неретко и насилство, треба да знаеме дека сами сме си ја уништиле иднината.
Кога за демократијата, човековите права и владеењето на правото говорат тешки неспособни и недоучени националисти, кои цел живот се кријат зад титулите и ја користат заштитата од институциите во кои свиле гнезда оградени со бодликави жици од корупција и непотизам, не можеме да очекуваме подобра иднина. Кога за надминување на кризите се преговара со оние што ја предизвикале и за решение на проблемот на помош се повикува самиот проблем, новите и уште подлабоки кризи и проблеми веќе тропаат на вратата.
Кога црквата и џамијата стануваат дел од училишното секојдневие, заборавете на среќно и интегрирано општество. Кога во тоа исто училиште можете да се вработите со партиска книшка, напуштете ја надежта дека децата ќе имаат просперитетна иднина.
Колку пати треба да повториме и гласно да извикаме? За правда, човекови права, еднаквост и слобода не се преговара. Особено не со оние што ги задушиле, украле и изгазиле под своите чизми. Помирувањето е за луѓето, тие обични смртници чии животи биле вклештени меѓу пропагандата, заканите и тешкиот грабеж. Тие треба да се помируваат, за да живеат заедно и да најдат заеднички јазик како да го организираат животот. Престапниците треба да се соочат со правдата, а не да бидат главни преговарачи.
Кога центрите на моќта, бизнисот, политиката и криминалот, секој посебно и сите заедно, ќе го изгазат човековото достоинство и ќе ги осиромашат луѓето до таа мерка што и 500 денари се доволни да ја купат нивната слободна волја на избори, нема зошто да зборуваме ни за мир, ни за иднина. Не се секирајте, дознавам дека цената скокнала на 1.000 денари. Тешкиот живот, неизвесноста и стравот започнуваат на денот на гласањето и завршуваат на наредниот ден на гласање, на ист начин. Тоа не е гласање, тоа е измачување. Посебно затоа што тие пари се веќе украдени од тие што ги примаат како поткуп. Исто како ветувањата за работа, услуги, права или бенефиции – тие веќе им припаѓаат на луѓето на кои им се нудат. Но, политичките партии го држат монополот над стравот и надежите, минатото, сегашноста и иднината.
Кога политичките партии војуваат низ системот и го освојуваат општеството на тој начин што секој детаљ од животот станува зависен од нивниот диктат, демократијата и владеењето на правото исчезнуваат. Бизнисот, образованието, здравството, културата, па и слободното време стануваат заробеници на мали, тесни кругови на моќници што меѓусебно се тепаат за секоја улица, за секој кварт, за секоја куќа. Како гангстерски банди.
Политичките партии мораат да престанат со мобилизација преку уцени и притисоци. Партиската книшка мора да престане да биде влезница за работно место. Ако ги остават на мира, дел од луѓето можеби ќе ги напуштат партиските ќелии, но тие што ќе останат, ќе ги сакаат повеќе, затоа што веруваат во идеите, колку и да се добри или погрешни. Но, за тоа е потребна волја, зрелост и мудрост. Добриот лидер треба да знае дали и колку неговата партиска солдатеска владее со животите на луѓето. Ако има волја да им се служи на луѓето, а не да се владее со нив, можеби има шанси да се извлечеме од калта во која шлајфуваме речиси три децении.