Кога доцна ќе стане предоцна

3880

Се плашам дека врската помеѓу дрскоста да извадите зоља или три-четири калашњикови и да пукате на полноќ во дуќан или среде бел ден во банка – со фактот дека врвовите во политиката договараат високопарни дубари за различни криминали да останат неказнети, е подиректна отколку што ме убедуваат некои пријатели дека не е. Мора да има добра причина некој да си мисли дека можноста да биде гонет и фатен дури и за правење на такви шокантни кривични дела се мали, бидејќи во ова држава се воспостави правилото дека колку што е потешко кривичното дело, толку е помала шансата да одговарате за неговото сторување.

Всушност, не би се изненадил дека оној што ја „нарачал“ зољата, на пример, денски пие кафе во некое од околните кафулиња на она што го гаѓале ноќта, во друштво на некој заменик министер или државен секретар (а можеби и со министерот, лично!) од оваа или од претходната екипа на власт, додека бе-ем-веата или аудиата со зацрнети стакла им се паркирани на сред улица или на тротоарот пред локалот. Не е ни важно дали е лихвар, дилер или шверцер во прашање, би можело и од двете страни на масата да седат такви „професионалци“, само што во ова „делење карти“ така се „распоредиле“, едниот да работи во приватниот, а другиот во државниот сектор; следниот пат лесно може да биде и обратно.

Тезата е дека правната држава секогаш се распаѓа „одозгора“, во процес кој трае споро и се одвива во „бели ракавици“, но кога нејзините рефлексии ќе почнат да се чувствуваат „на улица“, тогаш работите стануваат насилни, валкани и со можност за невини, колатерални жртви. На пример, слушам дека во гаѓаното кафуле имало и ноќен чувар кој не настрадал само затоа што второто експлозивно полнење од проектилот на зољата од некоја причина не се активирало, а и во банката е жива среќа што некој не изгубил нерви, па сè поминало со влечење за коса и закани. Ама тоа овој пат; следниот пат како ќе биде, нема гаранции.

На тоа најчесто не размислуваат политичарите кога ѝ го кршат ‘рбетот на правната држава. Дека има една точка, која никој со сигурност не може да ја дефинира во простор и време, кога ефектите од газењето на правото низ коридорите на политичката моќ се прелеваат на улица и почнуваат да важат како „правила на џунглата“, каде непопречени од спроведувањето на законите, победуваат најсилните, најдрските, најхрабрите или најнасилните. Тоа е точката во која од правни, проблемите стануваат безбедносни; кога од приватни, стануваат општествени. Симптомите за тоа се секојдневни: прво ги палат колите или дуќаните ноќно време, а потоа и нема да забележите кога ќе почне тоа да се прави и среде бел ден, во присуство на сведоци, а можеби и додека некој од малолетните во семејството седи на задното седиште.

Низ такви фази на правни, а потоа и безбедносни и општествени распади поминаа разни држави на Балканот. Во Бугарија, на пример, уличните пресметки и ликвидации меѓу тамошниот „деловен“ свет со години беа прашање на грдо и опасно секојдневие. И во Србија во годините на „опасно живеење“ не се знаеше дали, додека седите во ресторан, нема да ви се случи некому од соседната маса ладнокрво да му ја разнесат главата заради недоразбирање чија историја одамна престанала да се третира на правен начин.

Затоа и се расправам со моите пријатели дека симптомите што ни се случуваат секојдневно, а кои упатуваат на тоа дека неправдата почнува да ескалира и на улица, не треба да се потценат и на нив да се гледа вон контекстот на неможноста да конституирате правна држава „од горе-надолу“. Ако ништо друго, во тоа е подобро да не се биде во право, отколку утре да биде предоцна.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...