Уште една приватна здравствена установа за хируршки дејности од Скопје, „Д-р Огнен Даскалов“, доби привремена забрана за работа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по направените вонредни контроли иницирани од случајот со ресенчанецот кој пред 20 дена почина од сепса, а по операција на хемороиди направена во ПЗУ „Д-р Митановски“.
Оваа ординација по пластична и реконструктивна хирургија, заедно со „Јанита“ каде бил вработен докторот Ѕвонко Николовски кој го оперирал пациентот, веднаш добија забрана за работа од ДСЗИ, а со случајот се бави и Основното јавно обвинителство.
– Во ПЗУ „Д-р Даскалов“ е утврдено дека направил отстапки од дозволата за работа и направил промена на условите и на кадарот, односно си доградил операциона сала во меѓувреме, иако од Министерството за здравство немал дозвола за тоа. А медицинската сестра била пријавена на еден месец. Во моментот на надзорот, инспекторите не утврдиле дека имало пациент, а оваа ординација ќе има забрана за вршење на дејноста сѐ додека не ги отклони недостатоците. Има вработено и персонал кој е несоодветен и не треба да биде во супспецијалистичка ординација по пластична и реконструктивна хирургија. Веднаш е изречена забрана за вршење дејност, сè до отстранување на недостатоците. Целото досие е предадено на натамошна постапка во Министерството за здравство, изјави денеска д-р Ирина Сотирова-Бухова, директорка на ДСЗИ.
Нема временски рок до кога ординацијата „Д-р Огнен Даскалов“ е обврзана да ги исполни условите според дозволата, но сè дотогаш ќе биде со лента дека е затворена.
Таа нагласи дека од контролираните пет ЈЗУ за хируршки дејности од Скопје, кај две не биле пронајдени недостатоци.
– Во ПЗУ „Д-р Туџарова – д-р Караџинов“ кои се регистрирани и за општа хирургија, како и во ПЗУ „Промедика Медикал центар“ инспекторите не утврдиле недостатоци во по однос на делување што го контролира ДЗСИ – појасни д-р Бухова.
Таа најави дека вонредните контроли продолжуваат во наредните десетина дена, а следни на ред се приватните општи и специјализирани болници кои се регистрирани за вршење хируршка дејност.