Нема што. На светов ни нема рамен по снаодливост и по „шмеќарлак“. Во оваа наша Македонија половина и повеќе од вработените, особено од претходната власт, наместо на работа седат дома и земаат плата. Велат дека се болни. А проблемот е друг. За да не бидат сменети веднаш по веста дека ги губат изборите и дека ќе мораат да ги напуштат работните места, одат кај „нивниот“ партиски матичен лекар. А тој си ја знае работата. Боловање! Здрав, а со боловање, седи дома, а зема редовна плата.
И така наместо еден работник мора сега да има двајца, еден поранешен, кој седи дома и еден од новите. Мора да се даваат две плати. Едниот што е на работа, а другиот што „болен“ седи дома. И така со денови, месеци. Некои, особено од раководителите, и по една па и повеќе години се на постојано боледување. Боледуваат од „неизлечива“ болест!?
Тамам боледувањето ќе им „истече“, повторно се оди кај матичниот, а тој си го знае „урокот“, или продолжување или ново боледување. И така до бескрај.
Оваа работа најчесто ја прават највисоките раководители. Веднаш штом ќе бидат сменети револтирано си заминуваат бидејќи не можеле да се помират со фактот дека до вчера биле на „коњ“, па сега мора да се качат на „магаре“. Решението за нивната „болка“ го знае матичниот лекар. Боловање па боловање. Ниту новиот раководител ниту пак вработените со месеци око не можат да му видат. А колку се оние што се на постојано боледување никој не знае или пак нивната бројка се премолчува!
Ова кај нас стана секојдневна пракса. Комисиите констатираат дека поранешниот раководител или друг функционер не може да биде постојано болен и да биде на боловање. Меѓутоа, последниот збор секогаш го има лекарот. А за тоа дека здрави добиваат боловање досега од ниту еден лекар не е побарана одговорност!
Оваа појава не е вчерашна. Ја практикуваа и претходните. Сите знаат дека иако се здрави, според лекарите, се „болни“ и дека не се способни за работа. А и новите многу, многу, не се заинтересирани да ја дотераат работата до крај. Велат, подобро нека седат дома и нека земаат колку толку плата само да не се на работа и да не им организираат немири против нив. Па така, каде и да се погледне, во кои министерствата, установи, комунални претпријатие, училишта, градинки во здравството и каде ли уште не има еден куп, кои не се на работа, поради само кај нас присутната „болест“, боледување. А што е најчудно кога Партијата ги повикува на митинзи сите овие „болни“ се здрави, во првите редови се, а и најгрлати се. До кога вака!? Клучот се знае кај кого е!?