Денеска во Основното јавно обвинителство-Скопје се очекува да даде исказ клучен сведок кој бил присутен во моментот кога на 29-ти јуни брутално бил нападнат Никола Саздовски – Саздо (21), кој вчера почина од последиците на тешките повреди нанесени од насилниците, објави Дојче Веле.
Од Обвинителство потенцираат дека по тој исказ, но и по резултатите што ќе ги добијат по издадената наредба за обдукција на телото, најверојатно ќе отворат истрага со поинаква правна квалификација на кривичното дело.
Саздо денеска во 13 часот ќе биде погребан на гробиштата во селото Ракотинци, а од навивачката група Комити упатија апел да се простат достоинствено од нивниот другар.
„Комити, утре, за да го испратиме нашиот брат како што доликува, дојдете на собирот со автомобили, кој симболично е закажан пред нашата, западна трибина од 11.45 часот со поаѓање во 12.20. Да го развиориме уште еднаш омилениот бајрак на Саздо, “Боже чувај ја Македонија”!!!“, напишаа Комити во повикот на социјалните мрежи.
Саздо, како што напишаа неговите другари, беше нападнат и убиен од луѓе кои само се нарекуваат навивачи, а во основа се криминалци, дилери, убијци и најважно од сѐ, заштитени се како никој друг во државава.
„МВР, ОЈО, НВО-та и некои квази новинари, прво се обидоа да го заташкаат случајот и да го пренесат кон друг правец, па од кога беа фатени во лага се обидоа да се правдаат и сето тоа, само зошто беше Комита и Македонец“, велат тие.