Клучните барања на бизнис-заедницата во годинава што изминува

Во суштина, се работи за прашања кои не се решаваат за еден ден, ниту пак може да се каже дека ако се решени, тоа е завршена работа. Напротив, сите овие прашања или теми се суштински важни за опстанокот и напредокот на македонската економија, но и на државата воопшто.

197

На крајот од годината, вообичаено сумираме се што сме работеле претходно, со цел да видиме каква е реализацијата на нашите планови и што од нив се спровело,

Ако ги погледнам овогодинешните четириесетина неделни коментари, веднаш ми паѓаат во очи клучните барања на бизнис-заедницата, за кои во нив е пишувано… Во оваа прилика ќе се обидам да ги сублимирам во неколку тематски групи иницијативите и потребите на бизнис-секторот, кои биле актуелни изминатава година, а голем дел од нив, се сеуште се актуелни… Во суштина, се работи за прашања кои не се решаваат за еден ден, ниту пак може да се каже дека ако се решени, тоа е завршена работа. Напротив, сите овие прашања или теми се суштински важни за опстанокот и напредокот на македонската економија, но и на државата воопшто. Па да видиме кои се тие:

• Владеење на правото како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис е она што го порача бизнис-заедницата на Трибината организирана од Стопанската комора на Македонија во август оваа годна. Бизнисот секогаш бара правна сигурност, стабилност и правен континуитет. Она што вообичаено го слушаме од компаниите е дека принципот на владеење на правото се` повеќе го поткопуваат проблемите поврзани со „сивата“ економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра за сите чинители во економијата, бавното работење на државните служби при решавање одредени акутни проблеми од административен и технички карактер, дискреционите овластувања на надлежните институции вклучувајќи ги и судовите, бавните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја и во случаи кога тоа не е неопходно. Но, секако, ова не се нови проблеми, туку прашања кои повеќе години наназад се во фокусот на барањата на бизнисмените, со цел да се создаде поволна бизнис клима, во која поттикнувањето на претприемачкиот дух и конкурентноста би биле основа за легитимен натпревар во остварувањето подобри деловни резултати.

• Потребни ни се јасни и недвосмислени прописи, кои се донесени врз основа на консултации со бизнис-секторот, коишто се применливи во практиката и навистина се применуваат онака како што е напишано. Бизнисот вели стоп за донесувањето прописи по скратена постапка. Потребен е активен јавно-приватен дијалог и пофункционален регистар на прописи (ЕНЕР) во кој се следи донесувањето на прописите и учеството на засегнатите страни во целиот процес;

• Недостатокот на работна сила каква што му е потребна на бизнис-секторот станува се поизразен проблем, кој мора да се решава и со краткорочни и со долгорочни мерки, а дел од нив се однесуваат на реформи во образовниот систем, пред се, во делот на обезбедување пофункционално средно стручно образование со примена на дуалните принципи на образование, како и спречување на масовната миграција на младото работоспособно население;

• На Македонија и се потребни економски одржливи рурални заедници кои ќе допринесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари, заснована на балансиран развој во сите региони и потребата да се обезбедат перспективи за раст на руралните области и села. Идејата за “паметни” села не може да се направи изолирано и треба да биде вградена во пошироките стратегии за регионален развој. Неопходно е да се намали јазот помеѓу руралните и урбаните области и да се размислува за развивање на потенцијалите за зајакнување на врските меѓу руралните и урбаните области и дигитализација на руралните области, што во овој момент ни изгледа недостижна. Иако процесот на децентрализација во Македонија официјално се спроведува веќе речиси 15 години, реалните ефекти од тој процес се уште се занемарливи. Во вакви услови, кога општините имаат ограничени овластувања и ресурси, речиси е невозможно да се размислува за зајакнување на активности кои општините би можеле да ги преземаат за унапредување на локалниот економски развој, а со тоа и постигнување на економски раст и развој на државата.

• Само ќе потсетам дека поминаа 5 години од неприфаќањето на Иницијативата за законско нормирање на холдингот, како основа за натамошни измени во даночната регулатива, што беше предложено согласно потребите на бизнисмените кои имаат желба да ги направат уште поуспешни и потранспарентни своите бизниси, да овозможат повеќе вработувања во своите поврзани субјекти, повеќе инвестиции, развој, иновации и проширување на дејностите, а за сметка на тоа да добијат и определени даночни олеснувања кои ќе го поттикнат нивното натамошно успешно дејствување.

• Натамошно развивање на корпоративната филантропија. Општествената одговорност на компаниите е прашање кое е дискрециона одлука на секоја компанија, односно прашање кое не треба да се уредува со прописи, туку треба да биде дел од една високо развиена јавна свест, корпоративна култура и вредности , што придонесува кон јакнење на нивната конкурентност во глобалната економија преку зголемување на додадената вредност на нивните производи и услуги, придонесува за подобрување на угледот и имиџот, заштита на животната средина, подобрување на социјалните услови во заедницата, како и промовирање на етичкото управување. Тоа е она што треба да го јакнеме и развиваме и понатаму заради општото добро на сите нас!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...