Клучниот доказ засекогаш ќе остане во градите на Адријан

Впечатливо е дека на местото каде што се одржала свадбата во Мала Речица не е најдена ниту една чаура, иако според сведоци, се пукало рафално во повеќе наврати.

4019

Дваесет и седумгодишниот Адријан Биљали ќе го носи куршумот во градите до крајот на животот како спомен од свадбената веселба во Мала Речица кога на 30 јули тој и синот на пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, биле погодени од рафална стрелба со пиштоли.

Директорот на Торакална хирургија Неџати Јакупи, инаку поранешен пратеник и министер за животна средина од ДУИ, за Плусинфо изјави дека локацијата на куршумот е таква што не дозволува хируршка интервенција, односно дека доколку се пристапи кон вадење на куршумот може да се загрози животот на Биљали. Јакупи додава дека куршумот не го загрозува животот на пациентот.

– Кај него е направена опсежна оперативна интервенција на градниот кош и на абдоменот, каде е интервенирано во белите дробови, дијафрагмата и желудникот од прострелна рана од еден куршум. Локацијата на куршумот не овозможува негово хируршко отстранување, но неговото останување во организмот не го загрозува животот на пациентот – изјави Јакупи.

Според објаснувањето на директорот на Торакална, куршумот завршил на премин од градниот кош кон абдоменот. Јакупи вели дека момчето е во добра општа состојба, но и дека закрепнувањето ќе трае подолго.

Биљали веднаш по повредата бил донесен во Клиничкиот центар во Скопје, каде бил опериран, а пред десетина дена од КАРИЛ е преместен на Торакална. Синот на пратеникот Адеми поминал со полесни повреди.

Директорот Јакупи како инсинуации и шпекулации ги цени наводите во некои медиуми дека куршумот намерно не се отстранува за да не излезе на виделина дека на свадбата пукал пратеникот Џеват Адеми. Адеми, пак, во Обвинителство негирал дека тој пукал.

Јакупи за ова вели:

– Ние спасуваме животи и само тоа ни е важно.

И додека повредените закрепнуваат од крвавата веселба, од тетовското Обвинителство сѐ уште работат на предметот, односно се утврдува од чие оружје било пукано.

Од тетовското Обвинителство велат дека чекаат МВР да ги заврши вештачењата на доказниот материјал.

Извори од истрагата брифираат дека е земена парафинска ракавица и од пратеникот Адеми и од неговиот братучед, кои според полицискиот извештај кој го објавија некои медиуми, од сведок биле посочени дека пукале на веселбата. Се чека на вештачењето и на крвта која била пронајдена на самото место. Според извори од истрагата, било побарано да се сослушаат повеќе сведоци, бидејќи првично биле сослушани околу 10 лица кои присуствувале на веселбата.

Впечатливо е дека не е најдена ниту една чаура на самото место, иако според сведоци, се пукало рафално во повеќе наврати.

Став се обидовме да добиеме и од пратеникот Адеми, но тој во моментов е во странство.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...