Судбината на СЈО зависи од Законот за јавно обвинителство и ќе се решава неделава меѓу власта и опозицијата на работни средби и на собраниска седница, додека со оглед на последните барања на адвокатите од одбраната во предметите кои го води СЈО за прекин на постапките ќе се чека и разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која се наоѓа во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“.
За надминување на разликите за Законот за ЈО работите групи на власта и опозицијата ќе разговараат денеска, по што дебатата се сели во Собранието, каде собраниската седница за предлог-законот е закажана за вторник, по враќањето на пратениците од колективниот одмор.
Членот на Централниот одбор на СДСМ Горан Сугарески, вчера рече дека има очекување и надеж дека може да дојде до договор помеѓу работните групи со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и да се донесе законот за Јавно обвинителство.
– Според моите информации утре продолжуваат разговорите на работните групи со опозицијата за новиот закон за ЈО. СДСМ во изминатиот период инсистираше да се постигне договор и се што прави моментно е во правец на тоа да биде да биде донесен законот за Јавно обвинителство. Од наша страна ќе биде направено се, се надеваме. И вчера премиерот кажа дека предлозите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел се внесени во Предлог законот. Очекуваме во наредниот период и реално кај нас постои надеж дека може да се дојде до договор и да се донесе законот за ЈО – рече Сугарески.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, прашан какви очекувања имаат од денешните разговори во работните групи за Законот за обвинителство, рече дека очекуваат трезвеност и разбирање на потребата и на моментот за носење на ваков закон.
– Прашањето е колку власта е подготвена да се донесе вистински закон за борба со криминалот и корупцијата, додека е фатена во најголеми криминогени, коруптивни скандали во кои што е вмешан сиот врв на државната мафија, односно на извршната власт. Тоа се моите очекувања. Апсолутно очекувам трезвеност и разбирање на потребата и на моментот за носење на ваков закон – изјави Стоилковски.
Советот на јавни обвинители денеска треба да закаже седница на која ќе решава по извештајот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата за „Рекет“.
Претседателот на Советот Коле Штериев, минатата недела за МИА информираше дека до нив е доставен извештајот, но оти не се комплетирани списите за активностите што се преземени во предистрагата и истрагата за случајот во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Извештајот, подготвен од Обвинителството, кое го предводи Вилма Русковска содржи преглед на настаните и преземените дејствија во врска со досегашните мерки за „Рекет“, за кој осомничени се и Бојан Јовановски и Зоран Милески.
Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Советот на јавни обвинители треба да решава и за местото прв човек на СЈО. Тој се повикува на Законот за јавното обвинителство каде во ваков случај треба да реагира Советот и да назначи вршител на должноста. Тоа, според него, би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.
Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.
Обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“,прашана дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, рече дека има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител но, како што нагласи, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинител.