Клубот на извозници и новите активности за освојување нови пазари

Анализите и на домашните и на странските експерти, кои се спроведоа изминатиов период на барање на Стопанската комора на Македонија, јасно покажуваат дека покрај потребата да се работи на зголемување на бројот на извозни производи кои се карактеризираат со поголема додадена вредност и зголемување на бројот на извозни компании, фокусот треба да се стави и на идентификување на можностите и потенцијалите за зголемување на бројот на извозни пазари.

321

Веројатно најдобар показател на конкурентноста на една економија се нејзините извозни потенцијали. Одговорот на прашањето зошто е тоа е така, е мошне едноставен: извозот претставува генератор на економскиот раст, затоа што обезбедува поголем девизен прилив во земјата, извозот носи профит, нуди можност компаниите да се стремат кон максимална искористеност на своите капацитети, што значи кон поголема продуктивност и ефикасност во работењето. Извозот, впрочем, може да биде стратешки одговор за растот на секоја компанија.

Во периодот 2006-2018 година извозот на стоки бележи просечна стапка на раст од 11% (од 1.91 милјарди евра во 2006 година на 5.86 милјарди евра во 2018 година), додека извозот на услуги расте со просечна стапка од 15% (од 163 милиони евра во 2006 година на 626 милиони евра во 2018 година). Истовремено, релативното учество на извозот на добра и услуги како процент од БДП бележи зголемување од 37.8% во 2006 година на 60% во 2018 година што претставува значителна позитивна тенденција. Овие перформанси на извозот во анализираниот период ја рангираат Македонија како земја со највисока стапка на раст на извозот после Србија во рамките на регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ).

Сепак, ако погледнеме пошироко, светското стопанство под влијание на процесите на глобализација стана отворено и интегрирано. Можноста за приклучување кон развиените економии преку националната конкурентност, никогаш во историјата не била толку отворена и дофатлива. Но, и опасноста од пропуштање на таква прилика никогаш не била така голема. Несоодветниот одговор на предизвиците на тој план, значи долгорочно економско стагнирање, па дури и назадување. Во тој контекст, наместо да констатираме дека домашните и странските вложувања во стопанството беа недоволни или дека извозната структура е статична, време е да се свртиме директно кон активности за развој и унапредување на извозните потенцијали на македонското стопанство, како значаен фактор за поттикнување на економскиот раст.

Kомпаниите од Клубот на извозници при Комората сметаат дека македонскиот извоз во следниот период треба да се фокусира во три насоки:

  •  зголемување на учеството на традиционалните пазари;
  • освојување нови пазари во рамките на Европската унија, но и
  • зголемен извоз на македонски производи на нови алтернативни пазари.

И додека првите две опции – традиционалните пазари и пазарите во рамките на ЕУ, се повеќе или помалку познати за македонските компании, со регулирани билатерални односи, правна рамка која меѓу другото опфаќа и ратификувани спогодби за избегнување на двојното оданочување и заемна заштита и поттикнување на инвестициите, традиционално воспоставени деловни односи, она што останува како енигма се новите алтернативни пазари, во рамките на кои голем потенцијал претставуваат пазарите на Блискиот Исток и МАГРЕБ.

Како потврда за атрактивноста на овие пазари говорат податоците за големината на овој пазар, а потребата за храна, лекови и технологија ги прават земјите од регионот на Блискиот Исток и на МАГРЕБ атрактивни за компаниите кои имаат интерес за ширење и продлабочување на извозниот потенцијал. Статистиката покажува дека континуирано расте обемот на извозот на македонски производи на овие пазари, а се зголемува и бројот на домашни компании заинтересирани за новите пазари.

Анализите и на домашните и на странските експерти, кои се спроведоа изминатиов период на барање на Стопанската комора на Македонија, јасно покажуваат дека покрај потребата да се работи на зголемување на бројот на извозни производи кои се карактеризираат со поголема додадена вредност и зголемување на бројот на извозни компании, фокусот треба да се стави и на идентификување на можностите и потенцијалите за зголемување на бројот на извозни пазари.

Ова би значело и наше целосно преориентирање и како Клуб на извозници и како Комора од општото кон конкретното. Поточно, кога веќе сите сме свесни дека е потребна нова развојна стратегија во чија основа ќе биде поттикнување на извозно-ориентираната индустријализација со иницирање на процесите за извозна диверзификација и структурна трансформација на индустријата и извозот, би требало да се насочиме кон конкретни и едноставни активности кои лесно се организираат и преземаат на краток рок, а кој земени интегрално, сигурно ќе придонесат да ги постигнеме таквите високи цели на долг рок.

Во таа насока е и следната активност на Клубот на извозници, кој во наредниот период ќе организира и серија на активности кои имаат за цел да ги поддржат и поттикнат извозно ориентираните компании во нивните извозни активности, меѓу кои и и организација на купувачки мисии за пробивање на пазарите во земјите на МАГРЕБ и Блискиот Исток. Иако оваа идеја не е нешто ново и непознато, сепак многу ретко се во нашата практика на привлекување нови корисници на производите и услугите што ги нудат домашните компании. Учејќи од искуствата на земјите кон кои сакаме да го насочиме нашиот извоз, редно е и ние да ги примениме познатите алатки за освојување нови пазари, како што се купувачките мисии.

(Авторката е главен советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...