Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, беше воодушевен од победата од 3:1 над Баерн и пласманот во четвртфиналето на неговиот тим во Лигата на шампионите.
По мечот на „Алијанц арената“, тој рече дека неговиот тим им покажал на сите дека се враќа меѓу најдобрите во Европа.
– Во второто полувреме игравме многу зрело. Во моментите кога игравме фудбал, веднаш ја уништуваме организацијата на Баерн. Нашата победа е апсолутно заслужена. Не е важно кој ќе ни падне во следната фаза. Момчињата го сакаат овој турнир и го покажуваат најдоброто од себе. Нивниот став беше неверојатен. Триото во нападот беше неверојатно, играчите кои влегоа од клупата, исто така, помогнаа многу. Ние покажавме дека Ливерпул се враќа меѓу најголемите тимови во Европа, рече Клоп.
Тренерот особено го пофали ветеранот Џејмс Милнер за неговиот настап во натпреварот, откако тој не беше во оптимална физичка состојба.
– Имавме толку многу проблеми и неговото вклучување беше ризик – Милнер тренираше само двапати пред натпреварот. Убеден сум дека израдував многу луѓе во Дортмунд, што е исто така убаво. Тоа беше одлична европска ноќ за Ливерпул, додаде германскиот стратег.