На Клиниката за детски болести, со помош на Израелската невладина организација „Дрим докторс“, за најмладите пациенти обучени се т.н 26 медицински кловнови, кои имаат задача да му го одвлечат вниманието на пациентот од тешките терапии и боцкања.
Новата програма, која ја најавија министерот за здравство Венко Филипче, претставничката на организацијата „Хоуп“, Емилија Дуковски и тренери од „Дрим Докторс“, Ноам Инбар и Ротем Голденберг од Израел, ќе им помогне на пациентите во болница да го намалат стресот, анксиозноста и кај децата – стравот од лекари.
– Со завршената обука, сакаме идните медицински кловнови на пациентите и дечињата кои се подолго време во болница да им помогнат да ја заборават болката и да поразговараат со нив, на еден поинаков пристап. Да им дадат психосоцијалнa поддршка, која е најважна за здравјето. Оваа програма функционира секаде во светот, и се покажа за исклучитено успешна во лекувањето на пациентите – истакна Филипче.
Министерот, најави дека во текот на наредната недела ќе биде потпишан и Меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство и Комората на психолози на Република Македонија, со што ќе се отворат можности за соработка со цел да се обезбеди психолошка поддршка на пациентите и нивните семејства.
Медицинските кловнови се обучени за психологија, социјална работа, нега и театар. Работат со медицински професионалци во неколку области и специфични популации, како деца, возрасни, жртви на сексуална злоупотреба, хронични болести.
Овие лица, или „доктори од соништата“, во предходни разговори со лекарите, подготвени им приоѓаат на пациентите. Со овој проект на израелските медицински кловнови, преку нивниот интегративен и индивидуален пристап, им помагаат на луѓето да полесно да заздрават. Тие можат да ги посетуваат одделенијата како педијатриска хирургија, дијализа, дневните болници, одделенијата за хемато и општа педијатрија.
Филипче изрази благодарност до тренерите Ноам Инбар и Ротем Голденберг од Израел, кои со многу енергија и ентузијазам им ги предаваа вештините за оваа професија на учесниците кои деновиве за време на обуката учеа од овие врвни експерти.
– Оваа програма за првпат се воведува кај нас, направиме обука, а денеска ја имам можноста да ги доделам и сертификатите за завршена обука на идните медицински кловнови, а вкупно се 26 учесници, медицински и немедицински лица – потенцираше Филипче.