Радикалните националистички наративи се распрснаа како меур од сапуница, а нивните фабрики, работилници и дуќанчиња за спинови и лажни вести се изморија. Рафтовите им се полупразни, а продуктите им се со изминат рок. Кутрите, многу се смешни во својата потрошеност и ниска интелигенција. Ало, Москва! Не ти оди нешто со локалниве ресурси! Дајте нешто повеќе рубљи, дајте малку подобри и поедноставни прирачници за овдешниве тапоглавци! Не оди вака веќе, нѐ заболе дијафрагмата од смеење.
Мора малку подобро да се подготват. Вака, само крадат идеи од нашите писанија и акции, се разбира, лошо интерпретирани. Можеби најлош интерпретатор и несомнено најдеструктивен е Мицкоски, но и другите не заостануваат баш многу во својот дрзок, уличарски арамилак. Но, не им оди никако. По ваков тежок неуспех да се артикулира политички став и барем приближно сериозно решение за било што, обично се оди на долг зимски распуст, споен со летниот и така едно десет пати, подалеку од политиката. Или во пензија, најдобро… Во нормална земја и законски се одговара, ама кој да разбере…
Кловнови и шарлатани… Кутриот Бачев, поранешно и сегашно штрафче во разни агентури, секогаш на две-три столици седнат. Толку бил среќен што, по подолго време, го спомнав повторно во мојата колумна и тоа во контекст да го илустрирам стрмоглавиот пад на Мицкоски, затоа што е во истата толпа со него, а не нешто посебно да го споменувам. И, кога го спомнувам Бачев, со тоа секогаш мислам на целата булумента што е во таа лакрдија од политичко здружување, нека биде тоа смешниот испрдок наречен Единствена Македонија или Левица (десничарска, националистичка) и други анонимуси на македонската рѓосана тепсија.
Бачев, пресреќно и возбудено блада, па ќе напише на својот Фејсбук профил: „Шпионот на германската служба Џабир Дерала нема колумна да не ме спомне, така и денес во новата колумна фрла со навреди, оти му пречи битката за Македонија и Македонците. Инаку, на сметката на неговата Цивил годишно добива од германската влада (читај: германската шпионска служба) од 600.000 до 800.000 евра за уништување на македонскиот народ и македонската држава!“
Овој пост е само уште едно ехо од добро смислената, но лошо и невкусно спроведената кампања полна со навреди, спинови, омраза и лажни вести што се спроведува со години, а особено откако руското мешање стана сосема отворено. Сами по себе, поединечно, смрдеата што ја шират овие ликови е безначајна. Но, мора да се земе предвид дека тие се само еден дел од целата слика. Се работи за агресивна, упорна и континуирана кампања, диригирана од еден центар. Целта на таа кампања е да се лаже безочно за сѐ и да се создава атмосфера на несигурност. Тоа претставува закана по процесите за заздравување на општеството, по деценискиот погром на демократијата и институциите. И таа кампања нема политички или етнички предзнак, туку се работи само за различни валути со кои се финансира иста цел: Македонија да оди наназад или барем да стои во место.
За постовите на разните бачевци, апашиевци и останатите апаши, можам да кажам само – камо среќа да се толкави средствата за кои велат дека ги имаме. А, замислете, најчесто пишуваме затоа што сакаме да го искажеме нашето мислење. Парите се споредни и најчесто ги нема. Не се ни важни, далеку од тоа. Проектите се далеку помали, а организацијата што ја споменуваат има голем капитал, но тоа не се парите – туку довербата. Луѓето што работат со нас се посветени борци за човекови права и искрено се залагаат за добробит на Македонија. Но, за тоа нема зошто да се убедуваме, сѐ е јасно. За другото, можеме само сите заедно да се насмееме.
А шпионите од најниска класа, луѓе без образ, зборуваат за шпионски служби, мајко мила! Тапоглавци, леви фашисти и губитници – што друго да се каже?
Дури и по некоја случајност да кажат нешто што вреди, нешто што содржи барем трошка вистина, иако тоа до сега не се случило ниеднаш (!), човек мора да се замисли и да подзастане. Да се биде во нивно друштво е опасно за Македонија и за сите нејзини граѓанки и граѓани. Да се верува на вакви евтини арамии е наивно. Да се сфаќаат макар и малку сериозно е кусогледо. Тоа се структури што треба да ги „обработува“ полицијата и контраразузнавањето. Толку за денеска. Нека бидат сега среќни и весели што повторно ги споменав. Какви лузери!