Клинички чека терапија за паркингот од Филипче и Шилегов

546

Веруваме во министерот Филипче кој денеска е на средба со градските власти и со  Шилегов и очекуваме со убаво да го решат проблемот со паркирањето на Клинички, инаку ќе биде доцна кога тој ќе се зголеми. Засега остануваме на протест во кругот на Клинички за време на паузата и ако Филипче не успее да се договори, ќе го блокираме излезот од паркингот, како што најавивме – изјави денеска д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар на протестот на Клинички.

Во знак на револт по изјавата на градоначалникот Шилегов дека пациенти умираат на паркинг бидејќи не можеле да дојдат до клиниките од возилата на вработените, и зошто тие треба да бидат привилегирани со плаќање поевтин месечен билет за паркирање од другите граѓани што плаќаат за паркинзите во Скопје, вработените денеска носеа налепници со порака „привилегирани“ .

Тој апелираше до работодавачите на јавните здравствени установи и до другите „да не помислат да вршат притисок врз вработените кои излегуваат на протестот“, кој засега останува во периодот од 10 до 10.30 часот.

– Непривилегираниот Шилегов нас нѐ нарече привилегирани бидејќи плаќаме 350 денари за месечните карти. Дали сме привилегирани што сите западноевропски земји го бараат овој кадар, кој секој ден си заминува оттука? Дали сме привилегирани што секој ден сме жртва на нашите пациенти на сметка на семејствата и што ние, здравствените работници, го чуваме социјалниот мир, го прашуваме ние Шилегов? Овој проблем трае со години, но ние сме немоќни да го решиме. Имаме максимално тешка работа и наша е одговорноста, а еве сме понижени – нагласи д-р Беговиќ.

Тој појасни дека денеска не ги блокираат наплатните рампи, бидејќи ги замолил министерот Филипче.

– Доколку Градот не ја повлече одлуката, утре ќе ги блокираме наплатните пунктови. Нема да им наштетиме на пациентите, бидејќи нема да ги блокираме рампите за влез и излез. Градот, ако е толку засекиран за пациентите, може еден ден да ги отвори рампите и да не им го наплати паркингот, а само од нас привилегираните да наплати – додаде д-р Беговиќ.

Во врска со забелешките дека други вработени во центарот на Скопје плаќаат најмалку по 800 денари за месечен паркинг, тој кусо одговори: – Понижувачки! Незнам што е со другите вработени, но во западноевропските земји вработените во болниците не плаќаат паркинг на работното место. Инаку, ние немавме информација за 1.500 месечни карти, туку за 670. Прашање е каде паркираат другите ? – рече д-р Беговиќ.

Вработените се прашуваат колку катни гаражи можеле досега да се изградат на Клинички, бидејќи, како што нагласуваат, годишно од плаќањето за овој паркинг има прилив од 475.000 евра на сметката на ЈП Градски паркинг – Скопје, кој веќе неколку години стопанисува со истиот. Само од вработените на скопските клиники се собираат по 110.000 евра годишно од месечните карти за паркирање.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...