Клиниката за детски болести вели дека не е прв пат во оваа болница да доаѓаат пациенти со дијабетeс во тешка состојба и велат дека од нивна страна биле направени сите потребни протоколи.
Клиниката ова го соопшти откако здружението Баланс МК претходно објави дека три деца заболени од дијабетeс од кои едно се бори за живот биле погрешно лекувани.
Во продолжение целосното соопштение од Клиниката за детски болести:
„На ЈЗУ Клиника за Детски болести во периодот од 17 до 24 јули се хоспитализирани 3 деца со дијагноза дијабетес.
Првиот пациент е примен на 17 јули. Се работи за дете на возраст од три години кое е упатено од матичен педијатар по направени првични анализи кои укажувале на дијабет. Детето е примено на Одделот за ендокринологија направени се иследувањата и согласно протоколите, дадена е терапија. По неколку дена детето е пратено дома.
Вториот пациент примен 19 јули, е деветгодишно дете пратено од Општата болница во Гевгелија. Детето било со симтоми на дехидратација и првично било стабилизарано во болницата во Гевгелија, но по влошување на состојбата е пратено на дополнителни иследувања на Клиниката за детски болести. По неколкудневен третман состојбата на детето е подобрена. Пациентот се уште се наоѓа на Одделот за Ендокринологија и е во добра општа состојба.
Третиот пациент примен вчера со возило на Брза помош е транспортиран од болницата во Охрид во тешка состојба. Веќе биле изготвени првични анализи кои укажувале на дијабет. По приемот на Клиниката детето поради возраста(14 години) е упатено на КАРИЛ каде по приемот е интубирано и поставено на апарат за механичка вентилација. Лекарите од оваа клиника заедно со педијатрите од Одделот за Ендокринологија работат на стабилизација на состојбата на детето. Во моментов се прави се што е утврдено согласно протоколите за работа.
Ова не е прв пат на Клиниката за Детски болести да се примаат пациенти со дијабет кои се во тешка состојба. На Одделот за Ендокринологија постојано се лекуваат пациенти со оваа дијагноза и се откриваат нови случаи. Токму поради тоа што се работи за сериозно заболување кое може да даде тешка клиничка слика, Здружението на Педијатри од септември планира да спроведе низа обуки и едукации кај матичните лекари за навремено препознавање на раните симптоми на болсета и првичен третман“.