ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроенетрохепатологија во целост ги демантира тврдењата на адвокатот на Бојан Јовановски Боки 13-ка дека не сакале да го прегледаат и дека некои од колегите се шегувале со неговата здравствена состојба.
„Адвокатот го има наодот од прегледот, проценка е дека е потребно да се направи колоноскопија, што кај најголем број пациенти се прави во амбулантски услови. Со образложение дека во притвор нема услови за прочистување, адвокатот на Б.Ј. бара тоа да биде направено во хоспитални услови, за што одлучува Судот.
На пациентот Б.Ј. му беше закажан преглед во понеделник (18.11.), со план да се направи негова подготовка во болница, но тој не беше донесен на Клиника“, се наведува во реакцијата од Клиниката.
Оттаму истакнуваат дека внимателно ќе ги разгледаат новите медицински информации на пациентот, што за Стручниот колегиум на Клиниката, сепак, е најбитно и дека ќе постапат согласно неговата здравствена сосотојба, како што налага медицината базирана на докази.
Адвокатот на Боки 13-ка, Сашо Дукоски, вчера изјави дека состојбата на обвинетиот Бојан Јовановски е животно загрозувачка, дека има низа препораки и документација за хоспитализација, но дека затворскиот лекар се противи.