Кичеец остана без „ролекс“, ајфони, хард дискови, лаптопи…

Обвинетиот Зоран Милевски Кичеец посредувал со договарање континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на обвинетиот Боки 13 со сведоците Ана и Јордан Камчеви. На тие среби ги уверил во влијанието на Боки 13 врз обвинетата Јанева, а за посредувањето е примена награда од вкупен износ од еден милион и петстотини илјади евра и тоа од Ана Камчева 500 илјади евра, а од Јордан Камчев еден милион евра - рече судијката Николовска Масевска.

3149

Судечкиот совет кој денеска го осуди Зоран Милевски Кичеец на казна затвор од три години поради тоа што примил награда од 1,5 милиони евра во случајот „Рекет“, како што објавиме претходно, ваквата одлука ја донел не само поради вчерашното признание на обинетиот дека е виновен, туку и затоа што Милевски досега не бил осудуван и дека е татко на пет деца.

Тој вчера го призна делото, а судот смета дека токму неговото признание довело до ефикасно завршување на процесот што е отворен против Милевски, но и против Бојан Јовановски алијас Боки 13 и поранешната обинителка на СЈО Катица Јанева, кои се изјаснија дека не се виновни во „Рекет.

Претседателката на судечкиот совет Васка Николовска-Масевска пред да ја објави пресудата рече дека дека Кичеец е виновен затоа што во период од ноември 2018 до април 2019 со обвинетиот Боки 13 кој го искористил своето влијание врз обвинетата Јанева, а преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Станува збор за кривичната постапка која ја водело Специјалното обвинителство по наредба на Јанева за спроведување на истражна постапка против Јордан Камчев во предметот „Империја“. Целта била да му ја олесни, како што рече судијката Масевска, неговата положба во постапката со предлог да му се укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор.

Судот вели дека Милевски сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а во тригодишната казна затвор се смета и времето што Кичеец го поминал во притвор – од 15 јули 2019 година.

– По предлог на Јанева притворот бил определен и продолжен и во продолжение на постапката да му даде својство на заштитен сведок со намера да ја запре истражната постапка и да склучи со него предлог спогодба за вина за полесно кривично дело. Потоа да плати незначителен износ штета, да му се укине мерката на претпазливост и привременото одзрмање на пасош. Во тоа придонел обвинетиот Зоран Милевски Кичеец со договарање континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на обвинетиот Боки 13 со сведоците Ана и Јордан Камчеви. На средбите ги уверил во влијанието на Боки 13 врз обвинетата специјална јавна обвинителка Јанева. За посредувањето е примена награда од вкупен износ од еден милион и петстотини илјади евра и тоа од Ана Камчева 500 илјади евра, а од Јордан Камчев еден милион евра – рече судијката Николовска Масевска.

Судот го задолжи Милевски да плати судски трошоци од 2.000 денари и 5.789 денари, трошоци за спроведување.

Судијката Николовска – Масевска на крајот рече дека на Милевски му се одземаат повеќе мобилени телефони марка „ајфон“, машки рачен часовник „Ролекс“, таблети марка „хуавеи“ и „епл“, надворешен хард диск и неколку лаптопи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...