Распит на второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец е планиран за денеска во Обвинитеството за организиран криминал и корупција.
Покрај него, за денеска покана добила и Лилјана Тодоровска. Станува збор за пензионерката чија идеја за изградба на центар за возрасни, еден вид на старечки домови, била пласирана преку невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Нејзиното име се споменува во аферата затоа што на нејзината банкарска сметка легнале 720 илјади евра од ГП Пелистер, за кои таа изјави дека веднаш штом ги подигнала ѝ биле одземени од претставници на невладината на Боки 13.
Распитот бил планиран за денеска, но од обвинителството сѐ уште нема официјална потврда дали Кичеец бил спроведен од затворот во Шутка и дали Тодоровска се одзвала на поканата.
Утре, пак, на распит е повикана и специјалната обвинителка Катица Јанева. Досега од СЈО сведочеа и шефицата на нејзиниот кабинет како и тројца обвинители: Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми. За исказ, претходно, беа повикувани и градоначалниците на Битоа и Карпош, Наташа Петровска и Стефан Богоев.
Сите лица кои се сослушуваат во оваа фаза се во својство на сведоци, но нивниот статус може да се промени и во осомничени ако обвинителството собере доволно докази против нив.