Холивудската легенда Кирк Даглас, кој почина синоќа на 103-годишна возраст, своевремено во своите мемоари ја опишал средбата со Јосип Броз Тито. Како голем обожавател на седмата уметност, Тито испратил приватен авион за актерот и неговата сопруга.
Добро познат факт е дека Јосип Броз Тито ги обожавал холивудските филмови, па затоа не е чудно тоа што престојот на Кирк Даглас во СФРЈ го искористил за да се сретне со актерската легенда.
– Бев во Југославија и сакав да се сретнам со претседателот Тито. Британскиот амбасадор ми рече: „Мил мој, јас чекам веќе шест недели претседателот Тито да ме прими на десет минути за да му предадам акредитиви. Немаш шанси“ – се присетил Даглас.
Според неговите зборови, набрзо излегол од канцеларијата на амбасадорот и се јавил во претседателскиот кабинет. Следното утро, Тито испратил приватен авион кој ги пренел Кирк и неговата сопруга до Љубљана, каде цели три часа разговарале и шетале.
– Ги гледал сите мои филмови, а омилен му беше „Пресметка кај ОК Корал“. Ми рече и дека обожава да гледа филмови, бидејќи барем накратко му го одвлекуваат вниманието од проблемите со кои се соочува – рекол Даглас во интервју со Роџер Еберт.
Холивудскиот актер се сеќавал и на средбата со британскиот амбасадор потоа, кој бил бесен поради фактот што Даглас веднаш се состанал со Тито, а тој и по шест недели не успеал.
– Вие поминавте три часа со Тито, а јас не можам ни десет минути. Кажете ми, ве молам, како ви успеа тоа? – го прашал амбасадорот, на што Даглас му одговорил со едноставно прашање:
„Господине амбасадоре, колку филмови сте снимиле вие?“.
FOTO: Jutjub/Skrinsot