Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, ја држел вратата во прес центарот од Собранието на 27 април 2017 година за да не влезе толпата, но бидејќи не успеале да ја задржат вратата затворена, кога влегле граѓаните во салата, тој се упатил во делот каде биле сите други пратеници. Тој е третиот сведок, по Талат Џафери и Дамјан Манчевски, кој сведочеше на денешното рочиште за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април лани.
Кирацовски рече дека толпата буквално наликувала на бесна орда која имала за цел да убие некого. Тој рече дека луѓето правеле јамки од каблите од микрофоните обидувајќи да уловат некои од пратениците.
– Нѐ спасија само нашата присебност, обезбедувањето на Оливер Спасовски и на Зоран Заев, и Господ – рече Кирацовски.
Зијадин Села бил близу ќошот, залепен до ѕидот, позади него.
– Имаше постојани напади од сите присутни. Беа таму за да нападнат, имаше физички напади и со сѐ останато што беше како предмет во салата. Од маси и столици, сталаци за камери, копја за знамиња – раскажа пратеникот.
Села, посочи тој, бил удрен со нешто по главата, бил видно повреден и се држел за главата.
– Во еден момент Села буквално клечеше позади мене. Не можам да потврдам кој точно го фрли тој предмет. Практично тој беше заштитен, но бидејќи е повисок предметот го удри него – посочи Кирацовски.
И тој како останатите сведоци ги потврди пцовките и заканите за убиство кои биле упатувани. Биле напаѓани сите, но според него, главна цел на нападите биле Зоран Заев и Зијадин Села. Кирацовски рече дека сите 10 обвинети биле во Собранието на 27 април, а за дел посочи и што правеле. За еден рече дека го извлекол Села од групата пратеници, а за други двајца посочи дека го придружувале во одвлекувањето.
– Како што го одведоа Села, по неколку метри тој беше повлечен за коса и од тогаш не му видов и слушнав ниту трага ниту глас – сведочи Кирацовски.
Пратеникот рече дека откако лидерот на Алијансата на Албанците бил одвлечен од групата пратеници околу него имало 6-7 пратеници. Кога Села бил извлечен бројот на присутните лица во прес салата се преполовил, а интензитетот на нападите, според Кирацовски, кон другите пратеници освен кон Заев се намалил.
На прашање на обвинителот дали некој презел заштитнички дејствија, тој рече дека тоа го направиле неколку лица. Два-тројца од толпата која упаднала, поранешен пратеник и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Кирацовски рече дека тие кои сакале да ги заштитат можеби си наштетиле и на самите себе, бидејќи толпата ги тргала за да не ги штитат, а Ѓорчев дури добил и шлаканица, но не се поколебал да им помогне.