Кирацовски: Освен ВМРО-ДПМНЕ, поништувањето на лустрацијата го опструираат и ДУИ и ДПТ

281

Поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денешната седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која требаше да се разгледа Предлог-законот за поништување на лустрацијата, не започна.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски на прес-конференција во Собранието изјави дека „кон опструкцијата на законот“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, попладнево се приклучиле и пратениците од ДУИ и ДПТ.

– Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ, кон опструкциите за работа на Комисијата за политички систем на седницата закажана за поништување на лустрацијата се приклучија уште две партии, односно ДПТ и ДУИ за кои се надевам дека имаат сериозни аргументи кои ќе ги споделат и со нас и со пошироката јавност – рече Кирацовски.

Седницата, на која поради немање кворум, не можеше да се утврди ниту дневен ред, ќе биде закажана дополнително.

Кирацовски смета дека за законот за поништување на лустрацијата има потреба од „повисока политичка координација“ со сите политички партии, без да појасни што значи тоа.

– Исправувањето на историската неправда направена кон истакнати општественици е наша заедничка должност и обврска која што мора да ја реализираме затоа што правдата и праведноста се основните начела и на демократијата и на основното човеково живеење. Процесот на направената неправедна лустрација мора да продолжи – рече Кирацовски.

Претходно, во друга изјава Кирацовски исто така истакна дека „сторената неправда за време на комунистичкиот режим, може да биде на некој начин обесправена, односно да биде завршена низ еден сериозен соодветен правен процес, кој што е далеку поразличен од направената лустрација“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...