Ќе има јавна расправа за измените во Изборниот законик, макар и таа да се одржи во собранискиот хол – му одговори пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски на спикерот Талат Џафери, кој изјави претходно дека не може да има расправа за закон во скратена постапка.
„Не знам кои се побудите за вквата одлука на претседателот на Собранието, да спречи јавна расправа за толку битно прашање. Но веднаш можам да констатирам дека истите се недемократски, ограничувачки и од теснопартиска природа. Досега без проблем се имаат организирано повеќе јавни расправи за закони поднесени по скратена постапка, како на пример законите за данокот на личен доход, за изменување на законот за заштита од пушење…, а предлозите доаѓале токму од опозицијата која денес заедно со ДУИ сака да изврши блокада на Изборниот законик. Суштината на јавната расправа е што од неа произлегуваат предлог-идеите за суштински амандмани со кои се подобрува законското решение, а сега законот е токму во таа фаза. Дополнитело, со тоа што во скратена постапка е споено првото и второто читање на законите, а потребата на законот е веќе изгласана и пратена во процедура, ова е единственото време кога расправата вреди да се одржи. Останувам на ставот дека јавна расправа треба да има и ќе има, независно дали истата ќе се одржи во собраниската сала, во холот на Собранието или можеби во некоја конференциска сала надвор од Собранието. Макар нарекувајќи ја и јавна дебата за промена на изборниот модел со која се предвидува една изборна единица, еднаква родова застапеност и отворени листи за локалните избори“, вели Кирацовски, кој е претседател на собраниската Комисија за политички систем. Оваа Комисија моментно е блокирана од илјадниците амандмани што ги поднесе ДУИ, а делумно и ВМРО-ДПМНЕ, на предклог-измените на Изборниот законик.