Европскиот комесар за безбедносна унија, Џулијан Кинг, на денешната прес-конференција посочи дека според бројките на Фејсбук три до четири отсто од профилите на социјалната мрежа се лажни и побара од компанијата да преземе мерки против тоа, јави дописничката на МИА од Брисел.
И покрај вчерашните најави на Фејсбук дека се преземаат конкретни мерки и се воспоставуваат таргетирани алатки на социјалната мрежа за да се спречат „штетни влијанија“ врз изборите за Европски Парламент во мај, Кинг наведе дека Европската Комисија смета оти се потребни дополнителни.
Тој ги поздрави досегашните напори на Фејсбук, но укажа на статистиките на самата компанија.
– Тие отстранија важен број на лажни налози но, според нивните сопствени податоци, три до четири проценти од постоечките профили сѐ уште се лажни, што значи, со оглед на бројот на профили, дека околу 80 до 90 милиони профили се лажни, сакаме мерки против тоа – изјави комесарот.
Фејсбук вчера најави дека се воведува нова алатка за идентификација на политички реклами на социјалната мрежа и отворање на оперативен центар во Даблин задолжен да ги мониторира изборите во мај.
Лажните вести и дезинформацијата се една од политичките битки на европските институции во пресрет на претстојните избори за ЕП. Поучена од искуствата на американските избори, ЕК денеска најави нов кодекс за големите технолошки компании и платформи за борба против дезинформациите.
Гугл, Твитер, Фејсбук и други го потпишаа кодексот за самоорегулација за спречување на ширењето на лажни вести, но ЕК смета дека сѐ уште се потребни напори, според еврокомесарката за дигитална политика, Мариа Габриел.
Габриел посочи дека од компаниите се очекуваат дополнителни мерки во делот на транспарентноста за политичкото рекламирање и поголема поддршка за истражувачите и за самите корисници.