Кина ја предупреди Канада дека ќе има сериозни последици ако итно не ја ослободи финансиската директорка на Хуавеј Менг Ванжу, која беше уапсена на 1 декември по барање на САД за сомневања за измами поврзани со наводно нарушување од страна на кинеската компанија на американските санкции против Иран.
Менг може да биде екстрадирана во САД, но сѐ уште не е донесена таква одлука.
Ако биде екстрадирана во САД, Менг ќе биде обвинета за заговор со цел измама на повеќе финансиски институции. За секоја точка од обвинението се предвидува казна до 30 години затвор.
Менг е ќерка на основачот на кинеската компанија „Хуавеј“, Рен Женгфеи, а во САД уште од 2016 година е покрената истрага против компанијата поради наводен извоз во Иран на производи кои потекнуваат од САД.
Компанијата пред неколку дена преку соопштение го потврди апсењето на Менг, истакнувајќи дека не е јасен прекршокот поради кој е уапсена потпретседателката на Хуавеј.
– Немаме никакви сознание дека Менг сторила казниво дело – соопшти компанијата.
Амбасадата на Кина во Канада веднаш побара Менг да биде ослободена.
Апсењето на Менг се случи во „чуден момент“, бидејќи американскиот и кинескиот претседател, Доналд Трамп и Си Џинпинг неколку дена претходно најавија 90-дневно „примирје“ во трговската војна. Апсењето на Менг би можело да ги закомплицира трговските преговори помеѓу Пекинг и Вашингтон.
За САД, „Хуавеј“ и другите кинески компании се можен параван за кинеска шпионажа.
ФОТО: EPA / MAXIM SHIPENKOV