Во селото Панмунџон во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров денеска се одржа церемонија со која се одбележа една година од историскиот самит помеѓу јужнокорејскиот претседател и севернокорејскиот лидер, Мун Џае-ин и Ким Џонг-ун.
Но, церемонијата беше бојкотирана од страна на Пјонгјанг. Северна Кореја преку соопштение предупреди на растечката опасност од војна и го повика Сеул поактивно да работи на подобрување на односите.
Во тек е создавање на сериозна ситуација која би можела да доведе до враќање на минатото и до ризик од претстојна катастрофа поради растечката опасност од војна. За таквата ситуација одговорни се притисоците од САД врз Јужна Кореја, се наведува во соопштението на севернокорејскиот Комитет за мирна реунификација на земјата, задолжен за односи помеѓу Северна и Јужна Кореја.
На церемонијата присуствуваа околу 500 луѓе, помеѓу кои и дипломати и јужнокорејски претставници, а ги забавуваа јужнокорејски, кинески, американски и јапонски музичари.
– Ова е нов пат и по него треба да тргнеме сите заедно, понекогаш треба да ги почекаме тие кои побавно напредуваат – изјави Мун во видео-пораката што беше емитувана на церемонијата.
На 27 април минатата година Панмунџон се сретнаа Мун и Ким, со што беше отворен патот за средба на севернокорејскиот лидер со американскиот претседател Доналд Трамп во јуни во Сингапур.
Но, една година подоцна не е остварен никаков напредок за нуклеарниот и балистичкиот арсенал на Северна Кореја. Дипломатскиот процес најверојатно е во застој по неуспешниот втор самит на Ким со Трамп во февруари во Ханој.
Ким во неодамнешниот говор пред Врховното народно собрание изјави де ка Јужна Кореја не треба да се претставува како посредник или некој кој интервенира помеѓу САД и Северна Кореја.