Ким со воз ќе патува два дена за состанокот со Трамп

109
ФОТО: EPA-KOREA-SUMMIT-PRESS-POOL

Виетнам се подготвува за претстојниот состанок на американскиот претседател, Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, кој во Ханој ќе допатува со воз преку Кина, соопштија неименувани извори блиски до организаторот на средбата.

На Ким можеби ќе му требаат два и пол дена за патување со воз за да помине илјадници километри од Пјонгјанг, преку Кина, до Виетнам, што значи дека треба да тргне кон крајот на неделата за да стигне на 25 февруари, како што е планирано.

Како што наведуваат изворите, возот ќе застане на виетнамскиот граничен премин Донг Данг, од каде Ким останатиот пат од 170 километри ќе го помине со автомобил.

Возот е омилено превозно средство на Ким, како и на неговите татко и дедо.

Три други извори блиски до организаторите на состанокот изјавија дека преферирана локација за самитот, кој ќе се одржи на 27. и 28. февруари, е резиденцијата на виетнамската Влада од колонијалниот период во центарот на Ханој.

Меѓутоа, сите извори напоменуваат дека е можна промена на планот.

Виетнамскиот премиер во вторникот на Комитетот за организирање на самитот му порача дека безбедноста на тој собир е приоритет. Тоа е наведено и на веб-страницата на виетнамската Влада.

Спроти седиштето на виетнамската Влада се наоѓа хотелот „Метропол“, кој е резервна локација за одржување на состанокот, наведуваат изворите.

Можно е Ким, за време на престојот во Ханој, да биде сместен во хотелот „Мелија“.

Трамп минатата недела изјави дека сака Северна Кореја да стави крај на својата нуклеарна програма, но дека не брза и не врши притисок врз Пјонгјанг околу рокот за тоа.

Тој на прес-конференција во Белата куќа рече дека санкциите кон Северна Кореја остануваат во сила и додаде дека таа земја во последно време не извела нуклеарни или ракетни проби.

– Не брзам. Нема тестирања. Додека нема проби, јас не брзам. Доколку дојде до тоа, тоа е веќе нешто друго. Би сакал да видам конечна денуклеаризација на Северна Кореја, рече Трамп.

Американскиот претседател претходно во телефонски разговор со јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин за претстојниот самит со севернокорејскиот лидер рече дека очекува „голем напредок“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...