Кери Лам одбива да поднесе оставка, протестите продолжуваат

176
Photo: EPA / JEROME FAVRE

Првиот човек на извршната власт во Хонг Конг, Кери Лам, денеска изјави дека нема да поднесе оставка заради антивладините протести и денешниот генерален штрајк.

Хонг Конг е „на работ на многу опасна ситуација“, предупреди таа, наведувајќи дека моменталните протести се водени од прикриени мотиви што им се закануваат на просперитетот и безбедноста на овој полуавтономен кинески град.

– Не верувам дека во овој момент мојата оставка или на некои мои колеги ќе донесе подобра ситуација – рече Лам на прес конференција.

Таа кажа дека како шеф на извршната власт ја презела одговорноста за проблемите во градот и дека е одлучна да ја реши целата ситуација, пренесуваат американските медиуми.

Во текот на викендот во градот повторно имаше протести, што доведоа и до судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Демонстрантите утринава ги блокираа возовите и ги повикаа работниците на генерален штрајк заради што е отежнат сообраќајот во градот, а откажани се и стотици летови од аеродормот во Хонг Конг.

Во Хонг Конг, град што минува низ најсериозната криза од 1997 година, кога делумно беше вратен во владеење на Кина, веќе два месеца траат протестите, што повремено прераснуваат во судири со полицијата.

Photo: EPA / JEROME FAVRE

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...