Кекеновски ќе го даде Законот за јазици на Уставен суд: Имам неспорни аргументи!

443

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски денеска до Уставниот суд ќе поднесе Иницијатива за оценување на уставноста на Законот за јазиците кој беше објавен во Службен весник во понеделникот на 14 јануари 2019 година со потпис на собранискиот спикер Талат Џафери.

– Доколу не сакаат да ја девалвираат функцијата уставен судија ќе ја прифатат иницијативата. Имам неспорни аргументи, па секој правник, дури и почетник не смее да ги одбие наводите во иницијативата – вели професорот Кекеновски за Плусинфо.

Тој потсетува дека Владата на 4 август 2017 година ги задолжи министерот за правда и министерот за надворешни работи да побараат мислење од Венецијанската комисија за овој закон.

Оттогаш, како што вели, поминаа 16 месеци, но министрите, ниту Владата немаат побарано такво мислење.

Во дебатна телевизиска емисија вчера министерот Дамјан Манчевски најави дека Законот за јазици ќе биде испратен до Венецијанската комисија, но не прецизираше кога.

Една година откако е донесен Законот за јазици поттикнува лавина реакции и на опозицијата и на експертската јавност кои сметаат дека овој закон за двојазичност е противуставен и неприменлив и ќе создаде дополнителни поделби во македонското општество по сите основи.

Се забележува и тоа дека при носењето на законот кој помина со европско знаменце биле прекршени деловничките процедури и дека претседателот Ѓорге Иванов со право не го потпиша указот за стапување во сила на Законот за јазици во јануари лани кога беше донесен, а ниту во март кога повторно беше вратен и изгласан во Собранието.

Наспроти ваквите ставови и реакции, владејачката СДСМ смета дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и амандманот 5 и дека не се  загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како единствен службен јазик и писмо на целата територија, во меѓународните односи, централната полиција, одбраната и монетарната политика.

– Законот не фаворизира, туку ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници во Македонија која се гради како едно општество за сите граѓани – вели СДСМ.

Со Законот за јазици покрај македонскиот јазик во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, а ќе се применува во сите постапки на граѓаните пред  органите што ја сочинуваат државната власт. Судовите, јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции ќе треба да обезбедат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки. Потоа, сите закони и акти донесени од Собранието како и владините одлуки ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик.

Предвидено е да се основа Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните која ќе биде финансирана од буџетот и на својата сметка ќе добива по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата, освен овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Со новиот закон ќе проработи и Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...