Универзитетскиот професор Јове Кекеновски остро реагираше на последниот статус на Фејсбук што го објави поранешниот премиер Никола Груевски, а во кој истакна дека ниту тој, ниту партијата биле виновни за „Крвавиот четврток“.
Кекеновски во свој статус го обвини Груевски дека лажел додека бил на власт, но дека продолжува со лажење и сега додека со папучи на нозете си седи во некој удобен и топол апартман во Будимпешта.
„Херојов во папучи наместо да собере храброст да се врати дома и да ја сподели судбината со неговите му некогаш верни слуги одработувачи и пред неговите довчерашни судии и обвинители да ја докаже неговата наводна невиност, тој се распишал статуси и глуми девица. А тоа што многумина од неговите веќе се на робија, а некои допрва и ќе робијаат, за него и не е така битно. Важно е дека сè уште е актуелен и од далечина преку партиските му верни челници и другите негови прислужници ги влече конците. Сè додека во Република Македонија трпиме премиери и лидери кои бесрамно лажат, крадат и остануваат неказнети, а ние им посветуваме внимание и им даваме гласови, сè дотогаш нема да станеме нормална држава“, напиша Кекеновски на Фејсбук.