Новинарот Томислав Кежаровски на Фејсбук објави статус во кој бара извинување од, како што вели, „сродни по душа портали и телевизии“, а кои вчера објавија вест и снимка што на социјалната мрежа Фејсбук ги постави инфлуесерката Јорданка Ивановска Јоци. Таа, претходно, на истата социјална мрежа тврдеше дека завчера била вербално нападната од нејзиниот колега Кежаровски, додека била во сопственото возило на улица во населбата Лисиче во Скопје.
Редакцијата Плусинфо, следејќи го јавниот интерес, вчера објави информација за настанот, врз основа на тврдењето на новинарката Ивановска, поставено на социјалната мрежа Фејсбук. Но, пренесовме и кратка изјава од новинарот Кежаровски, дадена во телефонски разговор за Канал 5, во која, како што пренесе телевизијата, тој не негирал дека се случил инцидент. Тој, како што јави Канал 5, само кратко рекол дека секогаш ќе реагира доколку некој на било кој начин ги навреди неговите сопруга и неговото дете.
Плусинфо објави и информација дека Ивановска ја објавила снимката од безбедносната камера, но не ја објави самата снимка, туку линк до постот на ФБ профилот на засегнатата, каде што беше постиран тој материјал.
Без оглед на тоа, Редакцијата на Плусинфо навистина длабоко жали што воопшто дошло до еден ваков непотребен инцидент меѓи Кежаровски и Ивановска и што следејќи го јавниот интерес, ги експонираше објавите за немилиот настан на Фејсбук.
Наше мислење е дека Томислав Кежаровски, како џентлмен и како колега, треба да се потруди во пријателски манир да ги расчисти меѓусебните недоразбирања со неговата колешка Јорданка Ивановска Јоци, така како што тоа му доликува на еден новинар кој беше жртва на поранешниот режим и доби огромна поддршка од своите колеги кога му беше најтешко, вклучувајќи ја тука и силната и многузначна поддршка од редакцијата на Плусинфо.