Кај судијата Стојаноски завршиле и аболицијата од Иванов и амнестијата за 27 април

1546

Уставниот судија Владимир Стојаноски, според информации од Судот, е известител за иницијативата за оценување на Законот за амнестија за насилствата на 27 април за кој на утрешната седница ќе расправа Уставниот суд.

Уставните судии, според информации на Плусинфо, утре треба да го донесат и решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за помилување, за што одлуката беше донесена минатата седмица. Со тоа се отвора можност за враќање на аболицијата што ја прогласи поранешниот претседател Ѓорге Иванов за случаите од „бомбите“. Стојановски е судија-известител и за оваа иницијатива, што адвокатот Зоран Стојановски ја поднел пред уште три години.

Поранешни уставни судии велат дека за да се подготви еден предмет за кој ќе расправа Уставниот суд се потребни до шест месеци, ако станува збор за ситуација што е поделикатна. Во спротивно, како што велат, се потребни два до три месеци. Сепак, случајот со Законот за помилување е показател дека има и поинакви примери. Како сличен пример се посочува и иницијативата за оценување на уставноста на Законот за СЈО, која била поднесена набрзо по формирањето на ова обвинителство во септември 2015 година и распределена кај судијата Јован Јосифовски, но досега не е разгледана.

За разлика од иницијативата за оценување на уставноста на Законот за помилување, иницијативата за Законот за амнестија е стара десетина месеци, со оглед на тоа што оваа регулатива, со која беа ослободени од одговорност дел од обвинетите за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година, беше донесена во декември минатата година – непосредно пред донесувањето на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор.  Спорна е селективноста на амнестијата, со која не беа опфатени организаторите и директните учесници во насилствата на 27 април.

Според информациите, се бара оценка на уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за амнестија, со кои се уредува опфатот на амнестијата за „крвавиот четврток“. Проценките во Уставниот суд, во текот на денешниот ден беа, дека е можно да не се поведе постапка за оценување на Законот за амнестија, односно тој да остане таков каков што е. Во спротивно, како што се оценува, би можел да настане целосен правен хаос по ова прашање, со евентуално враќање на ослободените лица на судска клупа.

Судијата Стојаноски беше избран за уставен судија во април 2011 година, што значи дека му остануваат уште неколку месеци од мандатот. Претходно беше судија во Управниот и во Врховниот суд. Тој е меѓу шестемина судии кои беа за поведување иницијатива за оценка на Законот за помилување, наспроти претседателот на Уставниот суд Сали Мурати и судиите Осман Кадриу и Дарко Костадиновски. Кадриу и Костадиновски влегоа во Уставниот суд во почетокот на 2018 година, на предлог на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој и ја даде колективната аболиција за случаите од масовното прислушување. За време на потресите што ги предизвика колективната аболиција, Кадриу настапуваше со критички ставови во однос на овој потег на тогашниот претседател, додека Костадиновски во тоа време беше советник во кабинетот на Иванов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...