Македонската полиција успела доцна попладнево во општина Липково да го уапси затвореникот кој денеска избега на враќање од Клиничкиот центар, јави Телма телевизија.
Станува збор за 38-годишниот затвореник, Фидан Асани, кој, како што Плусинфо веќе објави, избегал додека затворските полицајци купувале сендвичи, а еден бил наменет, најверојатно, и за самиот затвореник.
Како што потврдиле од МВР за МИА, тој е пронајден околу 17:30 часот во близина на село Пресница, општина Липково.
Кога, на враќање од скопскиот Клинички центар, полицајците застанале да купат сендвичи од бензинската на Макпетрол кај училиштето „Михајло Пупин“, затвореникот избегал од задната врата на возилото.
Полицајците, според директорот, ќе бидат суспендирани поради непочитување на постапката за менување на рутата, поради тоа што не бил врзан затвореникот и трето, како што вели, најверојатно му купувале и нему сендвич.
Во возилото биле превезувани уште двајца затвореници, од кои една е жена, кои останале во возилото.