„Качи се на врв, земи здив за живот” в недела на Кадиица

306

Планинари во недела ќе го искачат врвот Љута на планината Кадиица со цел да се подигне свеста кај населението за поддршка на луѓето кои боледуваат од пулмонална хипертензија.

– Спортско планинарското друштво „Зелен рај“ од Велес, под мотото „Качи се на врв, земи здив – за живот“, го организира петтото традиционално искачување на врвот Љута на планината Кадиица. Имаме за цел да се подигне свеста кај населението за поддршка на луѓето кои боледуваат од пулмонална хипертензија. Нашите планинари ќе се искачат до врвот Љута на висина од 1450 метри надморска височина и ќе земат здив за оние кои боледуваат од оваа болест – велат организаторите.

Пулмонална (белодробна) хипертензија е ретка болест која влијае на работата на белите дробови и на срцето.

– Ние како хумани луѓе и планинари секогаш сме на страната на оние на кои им е потребна помош и поддршка, затоа ги повикуваме сите кои се во можност и имаат желба да дојдат и да присуствуваат на овој планинарски марш, да се искачиме до врвот Љута „за здив, за живот“ на овие луѓе. Сите заинтересирани планинари може да дојдат на планинарско дружење во сабота во планинарскиот дом „Браќа Јаневи“, а искачувањето до врвот Љута е во недела со почеток од 7 часот од планинарскиот дом.
Ноќевањето во домот чини 100 денари. Настанот е поддржан од општина Чашка – додаваат организаторите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...