Поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, по втор пат е прогласен за виновен за делото злоупотреба на службената положба во предметот „Триста“ на СЈО кој се однесува на набавката на 300 возила во министерството.
Со оваа втора пресуда Поповски е осуден на девет години затвор, исто како и во првата постапка. Тој со пресудата се задолжува да ја надолести и штетата на МВР во износ од над 27 милиони денари.
Случајот го води совет на чело со судијката Добрила Кацарска.
Поповски и во првото судење доби девет години затвор, но предметот падна на Апелација и се врати на повторно судење.
СЈО со обвинителниот акт во „Триста“ во текот на судскиот процес тврдеше дека поранешниот помошник министер незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.
Тој пак, пред судот се изјаснуваше дека не е виновен и заедно со неговата одбрана бараше ослободителна пресуда.
Поповски се наоѓа во затвор. Тој е осуден и во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес. Таму, првично доби шест, а потоа Апелација му ја намали казната на четири години и шест месеци затвор. Поранешниот помошник министер е всушност и единствениот кој се наоѓа во затвор за мерцедесот иако со правосилна пресуда осудени се и експремиерот Никола Груевски на две години и поранешната министерка Гордана Јанкуловска на четири години.
Меѓутоа, Груевски избега и доби азил во Унгарија, а Врховниот суд одлучи Јанкулоска да не влезе во затвор додека највисокиот суд не се изјасни за нејзиното барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.