Судијката Добрила Кацарска и тројцата судии поротници повеќе не постапуваат во предметот „Поткуп“. Тоа значи дека тие нема да одлучуваат за пресудата која ќе ја донесе судот.
Откако обвинителката Валентина Беслимовска направи измена на обвинението од примање во барање поткуп повеќе не е потребно во предметот да постапува петчлен судечки совет. Имено петчлен совет од судии и судии поротници постапува само во предмети каде е предвидена затворска казна подолга од пет години, како што е случајот со примање поткуп за што е предвидена казна затвор од 4 до 10 години.
Но, за барање поткуп, она во што обвинителката го промени првичното дело, законот предвидува затворска казна од 1 до 5 години. Затоа, главниот судија Дарко Тодоровски во предметот „Поткуп“ им се заблагодари на Кацарска и тројцата судии поротници, и продолжи сам да го води судењето.
Кацарска е претседател на судечкиот совет што го води предметот „Тенк“ против поранешниот премиер Никола Груевски. Таа е судијката за која Груевски велеше дека се договорила со Заев, да стане претседателка на Апелациониот суд и за возврат да донесе ослободителна пресуда за Заев, а осудителна за Груевски.