Апсолутно во оваа фаза не може да стане збор за дополнување на едниот случај за 27 април со нови осомничени, помината е таа фаза каде би можело да има проширување, вели судијката Добрила Кацарска.
Таа е претседател на судечкиот совет во случајот „27 април“, каде осомничени беа 33 лица, а по амнестијата останаа само 17. Случајот кој го води таа е пред самиот крај, завршни зборови треба да дадат само уште четворица обвинети, а тоа може да заврши уште утре за кога е закажано рочиште. Пресуда, Кацарска најавува за недела дена бидејќи вели иако пресуда треба да се изрече за три дена, сепак станува збор за обемен и сериозен предмет за кој ќе треба повеќе време да се подготви пресудата.
Судијката е категорична дека никој не ѝ врши притисок во пресрет на пресудата.
– За ниеден предмет никој не ми вршел притисок. Можеби затоа што ми го знаат карактерот и мојот начин на работа. Ниту од оваа ниту од другата владејачка гарнитура не ми вршеле притисок – вели Кацарска.
Обвинетиот Александар Василевски Нинџа, кој го спомна поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека координирало на „крвавиот четврток“, не може да се спогоди.
Одговарајќи на новинарски прашања, Кацарска рече дека тој во оваа фаза од процесот не може да прави спогодби со судот.
– Со судот не може да се спогодува. Се знае кога може обвинетиот да прави спогодба пред суд. Со мене во никој слуај, на крај на завршни зборови сме. Не станува збор да прави било каква спогодба. Дали со обвинителството има било каков договор, не би можела да коментирам – истакна Кацарска.
За новата истрага на обвинителството таа не сакаше да коментира бидејќи не е запознаена. Осомничените се појавија пред судија на претходна постапка од кој обвинителството бара притвор. Како што веќе објавивме, осомничени се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во Унгарија и Никола Бошковски од Трајната полиција кој, пак, е во азил во Грција.
Вељановски веќе си замина од судот бидејќи има имунитет како актуелен пратеник и за да му се направи распит,а потоа и да се одлучува за притвор, прво пратениците треба да му го одземат имунитетот.