Кацарска не сакала да го оценува обвинението за организаторите на крвавиот четврток

1014

Обвинението кое неодамна го поднесе Обвинителството за организиран криминал и корупција против организаторите и нарачателите на насилствата во Собранието на 27 април, во Кривичниот суд чека за оценка дали ќе биде прифатено и ќе почне судење или ќе се врати на доработка.

Според информациите од судот, според АКМИС системот овој случај за оценување се паднал кај Добрила Кацарска, која беше главна судијка во другиот предмет каде што се насилниците, вработените во МВР и амнестираните пратеници. Меѓутоа, Кацарска побарала да ја изземат, првично не навела причина, но потоа појаснила дека веќе има изградено став за случувањата од 27 април.

Ова значи дека Кацарска нема ниту да го оценува обвинението, ниту пак да го суди предметот ако биде прифатено обвинението. По барањето на Кацарска, предметот повторно бил ставен во АКМИС системот кој сега му го доделил на советот на судијата Горан Бошевски.

Бидејќи Бошевски ќе го оценува, тоа значи дека овој судија нема да биде и судија во судската постапка за овој предмет. Очекувањата во судот се дека одлуката дали ќе се прифати обвинението ќе биде до крајот на месецот.

Во ова обвинение за организаторите и нарачателите, опфатени се ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но бидејќи се недостапни за нив засега не се поднесе обвинение.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...