Судијката Добрила Кацарска во интервју за „360 Степени“ на Алсат вели дека иако е премногу блиска со семејството Камчеви во ниту еден момент Орце Камчев не ѝ побарал правни совети поврзани со предметот „Империја“ или предметот „Рекет“.
– Верувам дека дел од јавноста нема да ми верува, но јас сум судија со долгогодишно судиско искуство и јас секогаш зборувам само со факти и ја зборувам вистината. Орце Камчев има тим од адвокати. Нема потреба мене да ме прашува. Втора работа – верувајте ми дека мене самите тие ме држат на страна и од предметот „Рекет“ и од предметот „Империја“. Не сакаат да ме поврзуваат мене со тие предмети. Значи, лично тие мене ме заштитуваат. Така да, во ниеден момент, ова го тврдам и каде сакате ќе го повторам – во ниту еден момент Орце Камчев не побарал од мене ниту еден правен совет – вели Кацарска.
Судијката рече дека не знаела за барањето и давањето пари, ниту било кои други случувања поврзани со Бојан Јовановски и Катица Јанева.
– Под полна морална, материјална, кривична одговорност, овде, пред цела македонска јавност тврдам дека во ниеден момент не само што Орце не ми спомнал, туку и неговата мајка Ратка којашто ми е премногу блиска, секојдневно се слушаме или се гледаме, не ми ни спомнале дека некој им бара пари. А ако мене ми кажеа за тоа, јас ќе бев категорична да не дава пари. Категорично ќе го советував тоа да не го прави, затоа што за мене е несфатливо некој поготово од таква позиција да ви бара пари, да ве рекетира едноставно. А од друга страна може и некој сакаше да го намести Орце. Можеше обратно да биде и да речат дека тој нуди парични средства – вели Кацарска.
Кацарска вели дека може само да му биде благодарна на семејството Камчеви што не ја вмешало во случајот, иако не би се дистанцирала од него, макар по цена и да биде разрешена, иако не направила ништо незаконско.