Кафеаната Идадија ќе слави 90 години постоење. Прославата ќе се одржи оваа сабота во 19.00 часот.
Идадија е веќе 90 години сцена на градските случувања, муабети и седенки.
-Во Идадија се договарало, се раскажувало со добро вино и добра скара, се пеело и пиело, се вљубувало и тагувало, се радувало и прославувало… Со тек на времето Идадија станала нешто повеќе од кафеана, топоним во заедничката општествена меморија, каде што се дознавале и коментирале најновите настани и се склучувале зделки. Сето тоа се случувало во амбиентот на Идадија, со нејзиниот исклучителен шмек и традиција која на свој начин се негувала само во оваа кафеана. Низ Идадија поминале генерации и генерации, од разни професии и разни националности, љубители на музиката, на спортот, и сите тие оставиле свои траги, не само во Дебармаало, туку и во историјата на урбано Скопје-стои во соопштението.
Во сабота навечер повторно ќе се сретнат сите оние за кои Идадија е неодминлив дел од нивниот живот, старите но и поновите генерации дебрамаалци, да се потсетат на муабетите кои ги воделе, песните што ги слушале, личностите што ги запознале и сето она што од кафеаната Идадија останало како траен и неизбришлив белег во нив. Сето тоа ќе биде презентирано и преку посебна изложба на стари документи, фотографии, артефакти и уметнички дела инспирирани од кафеаната и Дебармаало.