Катругалос: Го поздравуваме писмото на Варвициотис до Османи

Писмото е одговор на дописот на Османи до Варвициотис во кој му ја честита функцијата и изразува надеж за продолжување на соработката.Во Грција, веста за писмото од Варвициотис до Османи, ја објавија грчките медиуми, повикувајќи се на медиумите кај нас.

235

Го поздравуваме писмото на алтернативниот министер за надворешни работи до неговиот колега од Северна Македонија за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја, вели поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега пратеник и надлежен за надворешна политика во СИРИЗА, Јоргос Катругалос.

– Го поздравуваме писмото што, според новинарски информации, го испрати алтернативниот министер за надворешни работи до неговиот колега од Северна Македонија за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја. Со интерес ги очекуваме објаснувањата на господинот министер до оние кои веруваа во предизборната демагогија на Нова демократија за отстапки во врска со договорот. СИРИЗА ќе побара писмото да се достави во Парламентот, врз основа на членот 133 од Правилникот – вели Катругалос во пишаната изјава.

Како што соопшти СЕП пред два дена, алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, преку писмо до вицепремиерот Бујар Османи најави поддршка за европските интеграции на земјава, нагласувајќи дека императив е целосната имплементација на Договорот од Преспа, но најави и билатерална средба меѓу претставниците задолжени за европски прашања на двете земји.

Писмото е одговор на дописот на Османи до Варвициотис во кој му ја честита функцијата и изразува надеж за продолжување на соработката.Во Грција, веста за писмото од Варвициотис до Османи, ја објавија грчките медиуми, повикувајќи се на медиумите кај нас.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...