Катран кампањата ги труе неопределените гласачи

Негативните кампањи влијаат врз неопределените гласачи и можеби ја намалуваат излезноста на изборите, но од друга страна, политичките партии на тој начин го мобилизираат сопственото гласачко тело и кај поддржувачите на политичките противници тоа може да дејствува демотивирачки, вели комуникологот Петар Арсовски.

454

Предизборната кампања за претстојните парламентарни избори започна многу порано од предвиденото, а засега таа е и многу поцрна од очекуваното. Ова за Плусинфо го тврдат политичките аналитичари, откако на улиците на главниот град деновиве осамнаа билборди со фотомонтажи на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на кои се гледа како тој во рацете држи чанта „Луј Витон“. Од друга страна, пак, на повеќе места во Скопје се делат и летоци со кои се потсетува кој е најзаслужен за влезот на земјава во НАТО, а има и такви на кои е прикажан лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во улога на марионета во рацете на неговиот претходник Никола Груевски.

Според комуникологот Петар Арсовски, негативната кампања може дополнително да влијае на намалување на излезноста на изборите, но не и драстично, бидејќи, како што посочува тој, станува збор за парламентарни избори.

– Високите тензии и постојаната политичка криза ќе придонесат и оваа кампања да се одигра на високи и негативни тонови. Сметам дека и покрај формалните заложби на партиите за позитивна кампања, сепак реалноста ќе биде на ниво на конфронтација – објаснува Арсовски.

Според него, водењето негативни кампањи пред избори веќе се претвори во светски тренд.

– Негативните кампањи се присутни и во светски рамки, не само во нашата земја. Станува збор за светски тренд. Секако, таквите кампањи влијаат врз неопределените гласачи и можеби ја намалуваат излезноста на изборите, но од друга страна, политичките партии на тој начин го мобилизираат сопственото гласачко тело и кај поддржувачите на политичките противници тоа може да дејствува демотивирачки. Нашата земја веќе е навлезена во тој светски тренд, а тоа се должи и на високите тензии кои долго време се присутни во државата и кои нема за брзо време да прекинат – вели Арсовски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски призна дека очекува оваа кампања да биде една од највалканите, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му одговори дека „диригентот налага како да свири оркестарот“.

– Доколку тој не е способен да го работи она на што се нафатил, а очигледно не е способен да ја менаџира оваа работа во вистинска насока, тогаш ќе имаме валкана кампања. Но, ние сме подготвени да одговориме на тие валканици. Јас го прифаќам таквиот предизвик и ќе одиме до крај – рече Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, истакна дека неговата партија е целосно фокусирана на позитивна кампања во пресрет на изборите на 12 април.

– Знаете, или ќе правите добро или ќе правите лошо. За двете работи немате доволно време. И во животот е така. Но, ние сакаме да ги промовираме иднината и вредностите, бидејќи ги вративме слободата и демократијата – рече Заев.

Инаку, законската одредба предвидува предизборната кампања официјално да започне 20 дена пред денот на одржувањето на изборите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...