Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на Божик, раѓањето на Исус Христос.
Во Македонија централната прослава по повод празникот ќе се одржи во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата божикна литургија ќе ја предводи бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.
Божик утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот календар.
Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов упати честитка по повод празникот Божик, што утре го слават граѓаните на Македонија со католичка вероисповед.
„Драги браќа и сестри, Божик е ден кој нѐ води кон почетоците на христијанствoто, ден кога славиме несфатлив доказ на Божјата љубов кон човекот, а тоа е негово појавување меѓу нас во воплотението и раѓањето на Второто божествено лице – Исус Христос. Браќа и сестри, обраќајќи ви се, како пастир на Католичката црква во оваа поднебие, сакам да ви го објавам овој чудесен Божји план, што и нам денес ни се нуди како на оној првиот Божик. Сепак, како и тогаш и сега е неопходно овој Божик да не биде само споменување и славење, туку настан. Но, затоа е потребно и чин на верата на што сме способни да се отвориме на објавата и да го примиме Божјиот глас кој ни одѕвонува во евангелската наука. И во оваа време кога во многу човечки срца господари темнината и неспособноста да живеат живот достоинствен на човекот ние навестуваме и сведочиме дека Бог спасува“, вели во честитката бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Стојанов.
Тој истакна дека темнина паѓа врз вредностите на семејството, темнина владее меѓу човечките односи и се шири цивилизацијата на смртта во која човекот е сѐ помалку човек, а сѐ повеќе бројка и тоа експлицитна од агол на користољубивост. Во времето кога е допуштено уништување на невини и неродени животи, кога во многу земји им помагаат на постарите и болните во умирањето и покрај тие факти, ние, посочи, го навестуваме евангелието на животот: добри луѓе, внимавајте и Бог стана човек.
„Тој е чувар, бранител и оној кој е способен да го излечи нашето страдање и на паднатото човештво повторно да му даде достоинство. Во надеж дека овие денови со повеќе смиреност во секој и во најмалиот брат и сестра ќе го препознаеме Овоплотениот, посакувам на сите мирно, силно и радосно Рождество Христово во кое ќе доживееме: Колку е убаво да се биде човек. И на крајот и најбитното, најголемата радост која ја чувствувам и која сакам да ја споделам со сите вас е најголемиот божиќен дар, а тоа е доаѓањето на Светиот Отец папа Францис во пасторална посета на нашата татковина на 7 мај 2019 година. Молејќи пред новородениот цар, посакувам оваа посета да ни донесе неизмерен мир и благослов! Мир Божји – Христос се роди!“, стои во божикната честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Стојанов