По повеќе од четири часа заврши распитот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за случајот „Рекет“ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Таа пред новинарите рече дека дошла со адвокат зашто има право на правен советник. Со кратки одговори, таа зборуваше пред новинарите, додека адвокатот Стеван Павлески стоејќи до неа ѝ дофрлуваше и потсетуваше дека предметот е сѐ уште во истрага.
Јанева рече оти очекува да има судење за овој случај на кое, според неа, ќе се расчистат многу дилеми. Новинарите ја прашаа и за гласот што се слуша на снимките од „Ла верита“, односно дали е таа кога му на Орце Камчев да не се секира за ништо, дека сѐ ќе биде океј.
– Мора да бидете стрпливи. Не смеам да го кажам тоа. Не се споделуваат информации во истрага. Се надевам ќе има судење каде ќе бидете присутни, ќе се гледаме уште – рече Јанева.
Обвинителката доби и прашање дали се чувствува виновна, на што кратко одговори „Не“. За телефонот, пак, кој беше најден кај сестрата на девојката на нејзиниот син, таа рече дека не бил форматиран. За Камчев, пак, посочи дека тој уште е осомничен и дека не знае каде е.
Таа беше прашана и зошто била планирана спогодба за случаите „Поштенска банка“ и за „Империја“, но посочи дека има време и дека тоа ќе се разјасни.
– Катица не си на распит – ѝ сугерира адвокатот Павлески на Јанева додека таа одговара на прашањата од новинарите.
Јанева спомна дека имала и трет телефон кој бил изгубен. Јанева рече дека не знае дали има инволвиран политичар во случајот „Рекет“.