Катица Јанева не сака да ја коментира Фатиме Фетаи

4145
20160328 Monday specijalno javno obvinitelstvo katica janeva fatime fetai

Катица Јанева преку прес-службата и официјално потврди дека ја примила покана за распит од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“. Таа треба да го посети обвинителстото кое го води нејзината колешка Вилма Русковска во вторник во 10 часот.

Освен потврдата за поканата, специјалната јавна обвинителка не сака да ги коментира наводите на Фатиме Фетаи за тензичните случувања во СЈО од понеделникот до вчера.

Единствено, го дава истиот одговор како и вчера преку прес-службата: Не издала наредба за претрес.

За разлика од неа, Фетаи вчера за повеќе медиуми изјави дека кога се вратила од пауза полицаецот на влезот побарал да ја претресе бидејќи таква наредба имало од шефицата за сите вработени. Таа раскажуваше и дека ја опцула и ја барала Јанева во канцеларија, но не ја нашла. Дали денеска се виделе, какво објаснување добила од шефицата итн., Фетаи не одговори на телефонските повици за да ја прашаме.

Фетаи од одмор се врати во понеделникот. Тогаш, како што беше објавено, се одржал колегиум со присутните обвинители на кои Јанева барала сите да се држат заедно затоа што ако падне таа, ќе ги повлече сите.

Според информациите од СЈО, за разлика од вчера, од утрово атмосферата била мирна.

Од редовите на обвинителите кои во својот тим ги избра самата Јанева, попладнево Бурим Рустеми се појави во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да даде исказ за случајот „Рекет“. Тој е обвинителот кој ги води случаите „Поштенска банка“ и „Т.Н.Т.“.

„Поштенска банка“ и „Имеприја“, од страна на Лиле Стефанова беа споменати како случаи за кои Јанева барала извештаи за оштетата која треба да ја платат осомничените, како и на тој начин – со враќање на пари на државата, да се затвори случајот и никој да не оди во затвор.

„Т.Н.Т“, пак, е предметот во кој еден од обвинетите вчера изрази сомнеж за поврзаност со „Рекет“. Имено, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, вчера побара изземање на Јанева оти се сомневал дека е поврзана со Адриан Амзоски, овластеното лице на фирмата „Дрим билдинг“ од Струга, кој бил и управител на фирмата ТД „Фине“ што го градела објектот „Космос“. За него Општина Гази Баба поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за градење спротивно на одобрението за градба, а ОЈО го процесуирала обвинителниот акт до Сосновниот суд Скопје 1. Јанева, пак, на нејзино барање го презела случајот и веднаш ја повлекла кривичната пријава, а по два месеца Амзоски донирал повеќе од 16 милиони денари на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Покрај Рустеми, кој сведочи во моментов, за „Рекет“ на распит беа и Лиле Стефанова и Елизабета Јосифоска која е заменичка на Јанева. Вчера сведочеше и шефицата на кабинет на специјалната обвинителка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...