Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, користи годишен одмор, потврдуваат од СЈО откако пред два дена Канал 5 објави вест со фотографија дека таа е на летување на Халкидики, во Ханиоти.
Освен информацијата дека Јанева е на одмор, од СЈО не можат ниту да ги потврдат, ниту, пак, да ги коментираат фотографијата и информациите дека таа е на плажа во Грција, бидејќи обвинителката не кажала каде и како ќе го користи одморот.
Објавата на фотографијата со шефицата на СЈО доаѓа во период кога таа е во центарот на вниманието во јавноста поради објавата на аферата „Рекет“.
Во неа осомничени се Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец, дека земале пари од бизнисмен кој е под истрага на СЈО за да го „олеснат“ неговиот третман во случајот кој го водат специјалните обвинители.
Јанева засега не е осомничена, но од неа беа одземени два мобилни телефони кои се вештачеа за да се провери нејзината комуникација со Боки 13. Во еден од двата телефони, за кои првично нејзиниот син кажа дека е изгубен, а потоа беше пронајден кај сестрата на неговата девојка, вештаците не пронашле ништо затоа што бил форматиран.
Дента кога се отвори истрагата „Рекет“ и беше приведен Боки 13, Јанева си поднесе одложена оставка, но со образложение дека не сака да биде алиби во преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство. Потоа, осум дена таа се „изгуби“ и користеше боледување, по што се врати на работа и во изјава за медиумите негираше нејзина вмешаност и соработка со осомничениот Јовановски, посочувајќи дека не само тој туку и други лица го злоупотребувале нејзиното име.