Кривичниот суд денеска и го продолжи притворот на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева за уште 30 дена.
Таа се наоѓа во притвор во истражниот затвор Скопје и сегашната мерка притвор и истекува в петок.
– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за К.Ј., по разгледување и ценење на предлогот, донесе решение со кое го уважи предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена – велат од судот.
Паралелно, адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска, поднесе предлог да се замени притворот со поблага мерка и понуди гаранција во имот. Тој предлог е испратен на мислење кај обвинителството, а потоа и судот ќе донесе одлука.
Адвокаткат на Јанева Ирена Фрчковска вчера до Судот поднесе барање за укинување на мерката притвор за поранешната специјална јавна обвинителка.
– Оптпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија. Сето ова е наведено во предлогот и ќе видиме каква одлулка ќе донесе Судот, изјави Фрчковска за МИА.