Во Специјалното јавно обвинителство на дел од обвинителите им бил правен претрес при влез и излез од зградата на оваа институција.
Дел од вработените, пак, за Плусинфо велат дека не ги проверувале утрово кога пристигнале на работа, а не забележале ниту дека ги претресува нивните колеги, барем кај тие што ги виделе како влегуваат.
Официјално од ПР службата велат дека немало таква наредба од шефицата Катица Јанева.
Но, според неофицијални информации претрес на влезот почнал да се прави во текот на денот откако шефицата добила покана за распит во случајот „Рекет“.
Поканата е за сослушување во текот на наредната недела.
ОБНОВЕНО:
Порталот СДК.мк објави дека Јанева ќе се соочи со обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска за случајот „Рекет“ во вторник.